Кога здодевноста и тешките мисли ќе ве поклопат во наизменична пресија, а ѕидовите од просторијата во која сте се нашле почнуваат да се стегаат околу вас и да ве приклештуваат со целата своја апсурдна настојчивост, време е да го побарате излезот и да си дадете оддишка низ една подолга прошетка. Без оглед на начинот на кој се движите или на средството што ќе го користите, добро е да се промени атмосферата и да се видат други димензии на реалноста. Содржините што поминуваат покрај вас ќе ве изведат од зачмаеноста и, најверојатно, ќе ви овозможат еден нов, освежувачки увид во стварноста. Но, да се придвижиме.
Без оглед на стартната позиција, вие, секако, нема да пропуштите да се придвижите кон центарот на градот. Тоа е, воедно, и најатрактивниот, во урбана смисла, дел од градот, кој, за жал, сè уште нема оформено други алтернативни згуснувања и акцентирања на естетизираната урбанистика, други центри со репрезентативна и раскошна архитектура, кои би ја разбиле и така гигантската функционалистички сообразена градителска традиција на социјализмот, за кого естетизирањето беше, пред сè, манир на буржоаската свест и се поимаше како непотребно трошење на енергија и средства.
Но дури и овој стар и единствен вистински центар на Скопје, создаден некаде пред Втората светска војна во колонијалната Вардарска Бановина, по земјотресот и неговото стравотно разурнување, каде што речиси сè што вредеше падна и исчезна, со години остана да стои во целиот свој пуризам, како пусто плато без содржини, историја и атрактивност. Требаше да поминат децении, за да му се обрне внимание на тој пустош и да се преземе нешто, овој простор да се акцентира како што прилега на еден главен град и да му се даде оној архитектонски гламур, толку карактеристичен за цивилизираните средини. И тоа би.
Но во екот на политичката борба, каде што претставниците на веќе потрошената идеологија излетаа со целата своја дегенерираност и непродуктивност во ендекот на историјата, монументалниот проект за изградба на еден достоинствен и атрактивен центар на градот се претвори во гротескна псевдореволуција, чијашто импотентна стратегија се сведе на едно недолично клеветење и осуда на тие сили, што со сите свои капацитети се вложија во препородот на нацијата, државата и градот. Така, по цена на невиден отпор и подметнувања од страна на „паднатите“, се подигаше новиот центар на градот, во кој, за волја на вистината, еден голем дел од објектите се резултат на реконструкцијата на веќе постојните градби, загубени во тектонската катастрофа од 1963 година. Останува прашањето – зошто требаше да поминат толку многу децении, а старата владејачка елита, сега веќе одвеана од виорот на историјата, да не обнови ниту една единствена зграда урната во земјотресот? Одговорот на ова прашање, кога–тогаш ќе треба да му биде доставен на македонскиот народ и на народностите во оваа држава.
За жал, овој амбициозен проект, наречен „Скопје 2014“, е сè уште недовршен, но тоа е само еден помал дел од планираното. Во глобала, се гледа огромниот напор, кој народот и владejaчката елита, заедно со сите тие архитекти, уметници и градители го вложија во овој, навистина монументален проект, ако се земе предвид големината и економските капацитети на македонската држава.
Што се однесува, пак, до дизајнот на проектот, тука се појавија многу разногласија. Од конструктивни негативни критики на разни експерти, чиишто размислувања треба внимателно да се разгледаат и тие ставови што имаат соодветна издржаност во иднина да се прифатат, кога ќе се влезе во некој нов сличен проект, без оглед дали ќе се гради во главниот град или на други места низ државата, до тенденциозни и, непоткрепени изливи на пакост и на злоба, кои треба без трошка жалење веднаш да се отфрлат во ѓубриштето на недоветноста и слепата омраза на тие што ништо не направија за време на своето владеење, а денес глумат големи експерти и разочарани гении. Од друга страна, огромен е бројот на одушевените поддржувачи на овој титански напор, а нивниот интелектуален профил и генерациската припадност се од најразновидна провиниенција, што говори за општо-граѓанското прифаќање на овој градителски потфат.
Како и да е, ова е веќе завршена приказна за многумина. Градот доби еден нов централен дел, кој по многу нешта почна да личи на центрите на големите европски, па и светски метрополи. Историската пластика, спроведена низ скулптурите на македонските историски великани, како и раскошната архитектура, распослана по површината на Малиот ринг, ќе создаде во свеста на новите генерации македонски граѓани чувство на достоинственост и вредност на нацијата и државата на која ѝ припаѓаат. Ова згуснато урбано милје ќе создаде и културен амбиент, што ќе привлекува туристи од сите страни на светот. Како што, впрочем, веќе и го прави тоа.
Што понатаму? Претпоставувам дека новата политичка елита веќе има соодветни планови за идното дизајнирање на овој голем град. Скопје со сигурност станува метропола, на која ѝ требаат повеќе центри, освен овој единствениов, кој предизвика толку жолчни расправии и непомирливи расколи меѓу граѓанството. Во овие нови архитектонски потфати потребни ќе бидат студиозни и темелни проучувања на конфигурацијата на теренот и урбаната инфраструктура, како и голема внимателност при јуришот на новото градителство да не се уништат некои значајни вредности создадени од постарите генерации неимари. Лично верувам, дека до вакви случајни или намерни акти на вандализам нема да дојде. На овој град му требаат нови урбани згуснувања и атракции, но му требаат и паркови и, секако, нова и многу пофункционална сообраќајна инфраструктура. Но, да бидеме стрпливи и да видиме како оваа градителски мотивирана генерација владетели ќе го направи тоа. До тогаш, да здивнеме малку од канонадата на бестијалните критичари и од нивната креативна импотенција, што ги прави толку нервозни и агресивни. Да се придвижиме, конечно, во една медитативна прошетка по Малиот ринг и да им оддадеме признание на сите тие што се вложија во овој голем потфат со своите творби и напори. Без оглед на сè, конструктивната работа на градителите секогаш носи бенефит и благородност.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.