| четврток, 6 декември 2018 |

До кога против националните интереси?

 

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

Шпекулацијата за новиот предлог на Нимиц во кој посредникот ни предлага ново име, а ги дефинира и јазикот и идентитетот, е многу повеќе од новинарска патка пласирана поради наивноста на авторот да биде насамарен од неговиот извор.

Напротив, „мозоците“ што ја измислија и пласираа информацијата имале јасна цел да испровоцираат уште една јавна лицитација за името. Истите тие се свесни дека овој начин на предвремено информирање за детали од разговорите што се водат под покровителство на ОН, дури и да се вистинити, а не се, затоа што беа експресно демантирани директно од Њујорк, прават штета на процесот затоа што отворено одработуваат за грчките интереси, кои посакуваат новиот предлог на посредникот да пропадне уште пред да стигне на маса. Што подготвува Нимиц засега не знае никој, но пренаивно е да се верува дека посредникот, кој добро ги познава двете страни, би излегол со предлог што нема теоретски шанси да биде прифатен. Уште повеќе, искуството од дведецениските разговори покажало дека поради вакви и слични ситуации пропаднале неколку предлози што биле позитивна појдовна точка за Македонија.

Не е ниту прв, а ниту последен пат опозицијата и нејзините мегафони во чувствителни моменти од разговорите за името да одработуваат за туѓи интереси, на штета на државата. Сценариото е видено многу пати за некој да наседне и овој пат.

Само за потсетување, минатата недела грчките медиуми, повикувајќи се на „дипломатски извори“, најавија дека Нимиц подготвува нов предлог, кој ќе го достави кон крајот на октомври. Во исто време, истите тие медиуми, не пропуштаат во неколку наврати да ја повторат зацементираната грчка позиција и воедно да нагласат дека Атина направила сè што е во нејзина моќ и дека сега очекува одговорен однос од другата страна. Една недела подоцна, опозициските медиуми во Македонија, кои се докажани мајстори за лоши прогнози и за празни анализи, „ексклузивно“ дознаваат детали за новиот предлог и ѝ ги сервираат на јавноста.

Истите тие, кои во меѓувреме се прикажуваат како жртви на „режимот“, и во овој случај, како и во многу претходни, влегуваат во грчката пропагандна машинерија со што директно го опструираат процесот во корист на јужниот сосед. Процесот е веќе виден, а резултатот познат – најголема корист од сето ова може да има Грција, која вешто успева да го префрли притисокот врз македонската страна претставувајќи ја како неконструктивна и неподготвена за компромис.
Иако очекувањата за евентуално поместување на позициите по следната рунда преговори се речиси никакви, корисно би било место за лицитирање со нови имиња на државата, ситуацијата да ја искористиме за национално обединување, кое ќе придонесе за зацврстување на позициите на македонската страна.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top