| четврток, 6 декември 2018 |

Манџата и бикот

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Нашава земја веќе долго време се вари во еден казан во кој манџата ја прават разно разни фактори коишто баш и немаат врска со самата манџа. Тие ги додаваат зачините, го регулираат огнот, одредуваат кој ќе ја држи мешалката, кој црпалката.

Се викаат меѓународен фактор.

Секаде се чувствуваат како дома. Ги познаваат локалните обичаи, како и локалната племенска конфигурација. Распоредот на племињата во рамките на границите. Посебно воспоставуваат блиски односи со племенскиот врв. Им оди во прилог што тие самите не се ограничени од локалните граници. Тие се над границите.

Во некои манџи помагаат, во некои баш и не. Во некои ставаат сол на почетокот, во некои пред крајот. Некогаш забораваат да го промешаат јадењето откако ќе ја стават солта, па тоа нема рамномерна соленост.

Во некои ставаат повеќе вода да биде почорбесто. Некои на крајот ги префрлаат во плех и ги ставаат во рерна да се потпечат. Некогаш оставаат малку од течноста на страна, па добиваат ем чорба ем печење.

Кога станува збор за предјадењето, сакаат мешана салата. Со малку аперитив. Сливовица, узо, жолта… тиквешко, црно тиквешко…бело…

Колку полокално толку поуниверзално…

Ако некој од домородците им ја „провали“ финтата, може да го унапредат доколку соработува. Да го направат амбасадор во поблиска или подалечна земја. И обратно, ако не соработува, да му даваат добра препорака милион години. Така некако ѝ прават и на Африка. Во психологијата тоа се нарекува синдром на „тапкање по рамо“…

А манџата што ја варат да ја пакуваат за извоз. Кој од обичните смртници би забележал дека јаде рециклирана храна, додека најквалитетниот кашкавал што се прави на Шар Планина го јадат Италијанци?

Само два проценти од домородците пробале од тој кашкавал. Оваа анкета е од око. Зад неа не стои ниеден институт. Освен можеби институтот „Трето око“. Здравиот разум кој се буни дека е недоволно застапен во манџата.

Оваа година во манџата ставаа исклучиво домати од холандско семе. Домородците почнаа да чувствуваат носталгија по старото струмичко патлиџанче. Но, меѓународниот фактор особено внимание посветува на насоката во која ќе се одвива мутацијата на генот.

Најдобриот грав на светот е тетовскиот. А гравот е донесен од Перу. И компирот.

Но, еве да спроведеме анкета меѓу амбасадорите во нашата земја, дали некаде низ светов пробале компир како беровскиот?

Нивниот експеримент со манџите нема крај. Едноставно си уживаат луѓето во нивната манџа без граници. Одвреме-навреме имаат потреба од гладијаторски борби. И додаваат во манџата некој лут зачин. Кај нас порано правеа „лутеница“, но со новите законски одредби, и тоа е веќе забрането. И во Шпанија забранија бикови да трчаат по улици.

Разулавени бикови. Значи, прво ги забрануваат, а потоа им мавтаат со знамиња. На едните им мавтаат со каталонски, на другите со кутлеш, на третите со албански знамиња.

Потоа едноставно уживаат во своите ложи на трибините.

На крајот, кој фактор одлучува за вкусот на манџата? Тореадорот, бикот или знамето?

Најмалку одговори има под „б“. Одговорот е бик, се разбира.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top