
Македонски навивачи што живеат во Германија синоќа учестувале во масовна тепачка пред аеродромот во Дортмунд, каде што пристигнале како гости на Шалке од Гелзенкирхен, јавува „Дојче веле“ на македонски јазик. Засега нема информации дали навивачите од Македонија се припадници на некоја навивачка група од земјата.
Според информации на полицијата, групата македонски навивачи била пречекана од своите домаќини на аеродромот околу 21 часот. Откако излегле од зградата, навивачите на Шалке се соочиле со навивачите на Борусија Дортмунд. Почнала масовна тепачка, во која учестувале околу 120 навивачи од двете страни. Се фрлало со камења, а полицијата што била на аеродромот не успеала да го спречи инцидентот. На крај бил употребен и солзавец за да се смири ситуацијата. Од полицијата во Дортмунд утрово за „Дојче веле“ изјавија дека во инцидентот немало повредени, ниту уапсени, но, според билтенот, предизвикана е материјална штета врз неколку возила на паркиралиштето на аеродромот во Дортмунд.
Викендов во германската Бундес-лига се игра локалното дерби меѓу Шалке и Борусија Дортмунд во Гелзенкирхен. Ривалитетот меѓу двата клуба и двете навивачки групи е огромен, а неретко се случуваат инциденти пред, за време и по натпреварите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


