Дваесетина канадски пратеници формирале пратеничка група за пријателство со Македонија во канадскиот парламент. Членовите на групата се од трите национални политички партии на Канада вклучувајќи парламентарни секретари, сенатори, поранешни министри и раководствата на Европско-канадската и Американско-канадската група во Парламентот.
Од амбасадата во Отава известуваат дека за претседавач на групата е назначен Владислау Лизон, а конститутивната седница на парламентарната група за пријателство ја водел досегашниот претседател на парламентарната група за НАТО во парламентот и претседател на канадскиот Комитет за национални ресурси, Леон Беноа, кој го нагласил придонесот на Македонија во операциите на НАТО и постигањата во процесот на интеграција во НАТО. Беноа го нагласил и значењето и многудимензионалноста на канадско-македонските односи и се заблагодари на Амбасадата на Република Македонија за залагањата и за поддршката на парламентарната соработка на двете земји.
Македонскиот амбасадор Тевдовски ги поздравил канадските пратеници нагласувајќи дека македонската држава и македонскиот народ високо ги вреднуваат нивното пријателство и пријателството на Канада:
– Формирањето на македонската група во Парламентот на Канада е историски чекор за растечките билатерални односи, кои се базирани на заедничките вредности, солидарноста и меѓусебната поддршка на двата народа, како и децениската посветеност на двесте илјади канадски и македонски патриоти – изјавил Тевдовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


