Треба да се изврши притисок врз Грција и Македонија за прашањето за името, а и другите земји-членки на ЕУ да ја притиснат Атина, односно неопходно е морално убедување на Грција за ова прашање. Ова, според МИА од Атина, стои во извештајот на Комисијата за ЕУ на Горниот Дом на британскиот парламент, кој е посветен на проширувањето на Унијата.
„Некои од најпроблематичните услови и стандарди воведени од страна на Европскиот совет се однесуваат на билатералните прашања меѓу земја-кандидат и една или повеќе земји-членки, како што е прашањето за името меѓу Грција и Македонија или едностраното блокирање поглавја, како што е во случајот на преговорите со Турција, каде што 10 од 35 поглавја се блокирани од страна на Франција и на Кипар“, се вели во извештајот во кој се поддржува идејата билатералните прашања да се решат пред некоја земја да влезе во ЕУ.
Британските парламентарци истакнуваат дека било грешка што Кипар влегол во Унијата пред да се реши спорот за Северен Кипар, со што во ЕУ е увезен билатерален проблем кој се претворил во спор меѓу ЕУ и една од земјите-кандидатки.
„Тоа беше голема грешка, за која ЕУ и Турција сносат одговорност, и имаше сериозни негативни последици и за Турција и за ЕУ. Во иднина, ЕУ треба да преземе многу поефикасна акција за да избегне понатамошно увезување на билатерални спорови во Унијата, без разлика дали се територијални или од друг вид. Ако го направи тоа, важно е на трета земја да не ѝ се даде де факто вето на присоединувањето на земја-кандидат“, се вели во извештајот.
Според документот, потребата за едногласност во Советот значи дека билатералните прашања може да го нарушат процесот на проширување во која било фаза, а тоа е неизбежно и непожелно. Британските политичари ја повикуваат својата влада, заедно со другите земји-членки, да заземе цврст пристап кон ова прашање, охрабрувајќи отвореност околу билатералните или домашните проблеми и да бара да се најдат решенија кои ќе овозможат процесот на проширување да продолжи непречено.
Според Комисијата на британскиот Горен Дом, билатералните прашања треба, секогаш кога е можно, да се решаваат преку меѓународно признати судови или со процедури за решавање. Тие мора да се решат пред пристапувањето, но не треба да го блокираат процесот да продолжи во која било фаза. Британската комисија го поздравува пристапниот дијалот на високо ниво меѓу Македонија и Унијата, кој, според неа, е долг и детален технички процес кој овозможува да се одржува импулсот на реформско ниво во случаи кога официјалниот напрадок го попречуваат билатерални прашања или блокирани преговори за поглавја.
„Сепак, ваквиот дијалог нуди само краткотрајни поттици и не може да дејствува против заморот од пристапувањето на среден рок“, стои во извештајот и се истакнува дека во иднина треба да се вложат поголеми напори за Македонија да ги почне преговорите за членство во Европската унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


