Во Музејот на Град Скопје, утре со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Когнитовна опоненција“, на истакнатиот скулптор, Слободан Милошевски. На изложбата ќе бидат презентирани дела од авторот кои се кинетички скулптури, системски и функционално поврзани во една целина.
Во рамките на хибридната македонска уметничка сцена со својата перманентна работа се афирмира Слободан Милошевски, како амбициозна авторска појава чии поетски дискурс се заснова врз постулатите на модерната европска скулптура и нејзините синтези. Тој е навистина еден од ретките истражувачи од доменот на скулптурата, која при тоа, ја разбира како создавање на впечаток за идејна и визуелна целина.
-Фигуративно-асоцијативните скулптури, за кои се смета за еден од најдобрите изведувачи во современа Македонија, се само една основа од која тој тргнува во истражувањето на скулптурата која ги исполнува критериумите на пост-модерниот уметнички исказ. Очигледно дека во неговото творештво можеби пресудно влијание има Александар Калдер, американски скулптор познат како основоположник на еден вид на кинетичка скулптура направена со фино избалансирани компоненти, коишто се движат во кореспонденција со моќноста на моторот или воздушните струи и кои се нарекуваат mobiles, ќе забележи проф. д-р Џемил Бектовиќ во критиката по повод оваа изложба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.