| четврток, 6 декември 2018 |

(Не)искрени гледишта

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Неколку отворени прашања до субјективно ориентираните „познавачи“ на евроинтеграцискиот процес. Зошто во извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија од 2006 година (кој го разгледува периодот од 1 октомври 2005 до 30 септември 2006) EK не предлага отворање пристапни преговори за членство, а во извештајот од 2014 година го предлага тоа? Дали мислите дека Европската комисија наеднаш почна да ни гледа низ прсти и иако „демократијата назадува“, повторно нѐ наградува со предлог за почнување преговори? Дали, искрено, сте убедени дека Македонија „назадува“ и покрај тоа што носечката институција одговорна за целосна квантитативна и квалитативна анализа на нашите успеси во делот на евроинтеграциите повторно укажува дека треба да се отворат преговори? Добро, искреноста никогаш не ви ни била силна страна, но барем малку размислете пред да произведете некој заклучок.

Отсекогаш во мојата потсвест е останат еден цитат од поранешниот претседател на САД, Томас Џеферсон, кој мудро велел дека искреноста е првата глава во книгата за мудроста. Следејќи одредени анализи, изјави и текстови во некои медиуми, имам чувство дека постои обид да се наметне став дека Република Македонија во периодот од 2005 до 2006 година била поблиску до членство во Унијата отколку што е денес. Што да се каже освен дека ваквите тези се типичен апсурд! Не се работи за искривување на сликата, туку имам чувство како некои индивидуи да гледаат целосно друга слика, што, за жал, во исто време не сака да ја погледне и Брисел.

Ако сум искрен, ќе забележам дека еден факт е ноторен: извештајот од 2006 година, покрај тоа што немаше препорака за отворање пристапни преговори во својата содржина, во себе инкорпорираше клучни забелешки, како, на пример, за правосудството и борбата против корупцијата и во него, меѓу другото, беше утврдено дека судскиот систем ги покажува истите сериозни недостатоци како и во претходните години, кои влијаат врз неговата независност и ефикасност, а и дека корупцијата останува распространета и го кочи економскиот развој и ја намалува социјалната кохезија. Но, тогаш нели, според (не)искрените толкувачи на политиката, демократијата и владеењето на правото биле во „полн ек“. Што се однесува до областа правосудство и борба против корупцијата, извештајот од 2014 година утврдува дека заради успешноста на реформите во правосудството, Република Македонија сега е во напредна фаза која бара подобрувања кои се покомплексни и претставуваат предизвик. Објективно, Република Македонија година в година напредува во СЕКОЈА област која е предмет на анализа на Европската комисија, оттука и во секоја област на европското законодавство (acquis communitaire). Секако, ова не е продукт на мојата имагинација, туку само ви претставувам факт кој последователно е констатиран од страна на Европската комисија во секој нејзин извештај.

Манипулацијата е опасен чекор и најчесто оди рака под рака со очајот. Критиката е добре дојдена, особено кога е конструктивна, секако земајќи предвид дека утопија ниту имало ниту ќе има. Но, пред сѐ, на пиедесталот треба да биде искреноста, а таа да ја очекуваме од секого, независно дали е секојдневен граѓанин или општествено-политички чинител. Нашата земја е реформски настроена – факт кој, покрај голем број меѓународни организации, го препознаваат и признаваат и врвни светски корпорации со тоа што одлучуваат да го донесат својот капитал во нашата земја. Сите ние во Република Македонија сме живи сведоци на секојдневни успешни реформи и подобрувања во секоја област, од здравство, до образование, од земјоделство до инфраструктура, итн. Искреноста ние, како граѓани, ја вреднуваме преку реално оценување на делата, а во основа ја наградуваме со доверба. Неискреноста, секогаш, треба да ја изолираме, а богами, конечно, и ја изолиравме.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top