Во Новиот театар, синоќа во пресрет на големиот празник- 11 Октомври, се одржа Свечен собир на која присуствуваа Премиерот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, ченовите на владата, членови на МАНУ, претставници на политичкиот и културниот живот на земјава, црковни великодостојници и претставници на дипломатскиот кор. Пред присутните се обрати Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.

-Република Македонија прославува 73 години од почетокот на народното востание. Востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Денес, со почит се сеќаваме на сите борци и херои кои учествуваа во големата борба. Борци кои себеси се гледаа како продолжувачи на делото на илинденците за слободна и независна Македонија. Годинава одбележуваме 111 години од Илинденското востание и 70 години од АСНОМ. Празнувајќи ги, се сеќаваме на моментите со кои се промени тогашната реалност, која сега е наше минато. Минато, од кое учиме за да ја планираме нашата иднина, рече Претседателот Иванов.

– На 11 октомври, македонскиот народ се охрабри и востана против надворешниот поробувач, но и против робот во него самиот.
На 11 октомври, стремејќи се кон слобода, македонскиот народ започна решителна борба против окупаторот.
Тоа е славен ден кога Македонецот престана да биде роб во душата. На тој ден Македонија конечно го сруши ропското во својата свест. Во тоа се состои величественоста на овој ден, од кој учиме како, со верба во себе, да ја освоиме слободата.
Независно кога почнале првите борбени акции, 11 октомври остана како симбол на крајот на ропската свест и симбол за освојување на слободата. Тоа е суштината на 11 Октомври.
Следеа тешки борби, хероизам и самопожртвуваност на борците од народноослободителната и антифашистичка борба. Борба со која оживеаја револуционерните традиции на Илинден. Борба во која се препородивме како народ и се почувствуваме способни да си ја земеме судбината во сопствените раце.
Сенародното вооружено востание, како дел од големата антифашистичка коалиција, не донесе до државотворниот АСНОМ, на кој народот стана творец на својата иднина, рече Иванов.

Осврнувајќи се на актуелните состојби Претседателот Иванов подвлече:
-Но, мора да бидеме свесни дека сите премрежија од минатото не останаа само во минатото. Наследивме и предизвици со кои сеуште се соочуваме, но и визии и стремежи кои сеуште не се остварени. Во текот на независноста, се соочивме со многу тешки моменти и одлуки. Со двојни стандарди и неправедни блокади. Но, и покрај се, не се обесхрабривме. Секојдневно ги чувствуваме последиците од оние кои го негираат македонскиот јазик и идентитет. Но, ние знаеме кои сме, што сме и што сакаме. Проблем немаме ние, туку оние кои не ја прифаќаат и признаваат реалноста. Сеуште сме блокирани на нашиот европски и евроатлантски пат. Но, и покрај се, не се откажуваме. Остануваме доследни на преземените обврски и задачи, кои со континуирани реформи ќе продолжиме да ги остваруваме, за доброто на македонските граѓани. Но, е обврска не само на државата, туку и на сите сегменти на македонското општество. Само сплотени ќе ги оствариме нашите стратегиски цели за европска и евроатлантска Република Македонија, заклучи Иванов.







фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


