| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов до Палмер: Македонија заслужува членство во НАТО без услови

Македонскиот претседател изразил очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими, Метју Палмер вршител на должноста заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија.

На средбата, како што соопштија од неговиот кабинет, тие разговарале за актуелните политички состојби во Република Македонија и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.

Македонскиот претседател изразил очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на Република Македонија, за добрососедските односи и регионалната соработка.

„Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија уште во 2008-та година ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во НАТО мисиите, заедно со земјите-членки, Република Македонија го заслужува членството без дополнителни услови. Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси“, соопштија од кабинетот на Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top