Змаго Сагадин е добитната комбинација за македонскиот првак МЗТ Скопје, еден од најдобрите тренери во поранешна Југославија, човек за кого велат дека е еден од најзаслужните што кошарката во Словенија стана стил на живот, на спортска култура, а Олимпија познато и признато европско име.
Змаго во превод значи победа или победник, па на Сагадин совршено му одговара. Тој е специјалист за создавање врвни кошаркари, претворајќи ги младите таленти во познати кошаркарски имиња. Во неговата работилница се калеа талентираните Марко Милиќ, Сани Бечировиќ, Грегор Фучка, Боштјан Нахбар, нашиот Владо Илиевски, Бено Удрих и уште многу светски признати кошаркари. Точно 11 кошаркари што се брусеа под палката на Сагадин имаат настапувано во НБА-лигата, а шеесетина играа или сѐ уште се членови на реномирани европски клубови.
Ако се сметаат титулите, а ги има точно 25 на домашната сцена во Словенија и на европска почва, тогаш тој е во топ 5 најтрофејни тренери на стариот континент. Со Олимпија го освои Еврокупот во 1994 година, а со популарните „змајчеки“ играше и на завршниот турнир за европската круна во 1997 година и го освои третото место.
– Три години подоцна имавме уште подобра екипа, бевме уште посилни. Загубивме од Киндер во третиот решавачки натпревар од четврт-финалето и не се пробивме до завршната битка за титулата европски првак. Емануел Џинобили ни даде клучен кош од корнер во пад и тој момент ме мачеше долг период. Истиот Џинобили што стана светска марка и има трофеи во НБА-лигата. Едноставно, не можев да го заборавам, да го преболам тој кош, па дури и на шега го прашував клупскиот психолог какво чаре да барам. Киндер стана европски шампион, а чудниот кош на Џинобили мој животен кошмар, момент што не се потиснува од меморијата. Секако дека имаше многу повеќе убави моменти. Со Олимпија го освоив Еврокупот, игравме и на завршниот турнир во Евролигата на УЛЕБ, а да имавме повеќе пари, според квалитетот, сигурно ќе бевме и европски шампиони. Клубот тогаш изгради стратегија според која секоја година буџетот требаше да се полни барем 20-30 проценти од продажба на играчи. Да имавме можност да ги задржиме сите кошаркари на едно место подолг период, Олимпија сигурно ќе се искачеше на европскиот врв – изјави Сагадин.
Која е целта на МЗТ Скопје годинава? Трета сезона по ред клубот е дел од Јадранската лига, можно ли е да се стигне до завршниот турнир?
САГАДИН: Драстично го подмладивме и поевтинивме составот. Финансиската криза на глобално ниво не нѐ одмина ниту нас, па целта е да се почне со изградба на нов тим од кој во следните сезони може да се очекуваат резултати. Ни замина речиси комплетниот состав од лани. Двајцата центри не се веќе во МЗТ Скопје, си заминаа и сите крилни кошаркари, што значи комплетно реновирање и нов почеток. Цел ни е да направиме чекор напред во АБА-лигата, да бидеме барем една позиција подобри од лани, иако реално не можеме сѐ уште да очекуваме настап на завршниот турнир. Пред нас се Црвена звезда, Партизан, Цедевита и Будуќност, екипа што многу инвестираше во создавањето силен тим. Потоа се група клубови што рамноправно ќе се борат за позициите во средината. Тука, според мене, е и МЗТ Скопје, а јасно е дека цел ни е да ја одбраниме титулата во домашното првенство. И, секако, една од стратегиските определби и на клубот и моја е да им дадеме шанса на младите кошаркари да созреат. Тука, пред сѐ, мислам на Младеновски и на Мекиќ, кои ќе добиваат шанса, дури и по цена на некој непланиран пораз на МЗТ Скопје. Тие би требало да испливаат на површина сезонава иако за почеток, искрено, не сум задоволен од нивниот однос кон обврските. Мора да бидат попосветени на кошарката, да бидат подисциплинирани, поамбициозни за да не го потрошат талентот попусто.
Има ли таленти во Македонија и колку е добра или лоша одлуката за зголемување на бројот на странски кошаркари?
САГАДИН: За жал, во овој момент нема многу таленти. Не смее да се замижува пред фактите, туку, напротив, треба да се работи напорно. Македонските младински селекции се на дното, и тоа во Б- дивизиите, што потврдува дека нема добри ефекти. Продукцијата на млади играчи е многу мала и затоа веројатно стигна одлуката за зголемување на бројот на странски кошаркари во домашните клубови. Краткорочно, потегот не е лош, но секако дека треба да се подобри продукцијата на надежни кошаркари. Финансиската криза може да потрае, а во такви услови немате шанса да опстанете без добри домашни играчи. Се радувам на успехот на македонската репрезентација, но не смее да се преспие периодот на добри настапи. Токму сега треба да се работи уште подобро, понапорно, за да се задржи континуитетот на добри резултати. Знаете, за мене е најголемо признание кога ќе сретнам поранешен талент со кој сум работел, а кој потоа станал врвен кошаркар. Се чувствувам прекрасно бидејќи сум помогнал во развојот на здрава личност, на реализиран човек што го исполнил својот сон. Од тоа нема ништо поголемо и повредно. Тоа би сакал да продолжам да го правам и во Македонија, во периодот додека работам тука.
За проектот Јадранска лига, за континуитетот на успеси на кошарката на просторите на поранешна Југославија и за дел од останатите актуелни трендови во оваа игра, словенечкиот стратег говори во интервјуто за „Република“, во најновиот број на магазинот.
(Пишува: Зоран Поповски
Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 110. број на неделникот „Република“, 10.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.