
– Ваквите резултати јасно укажуваат на поддршката за реализираните проекти која ја имаат општината и градоначалникот – оценуваат од Општина Центар по анкетата спроведена од агенцијата „Рејтинг“ за потребите на Општината, а за работата на градоначалникот Андреј Жерновски. Анкетирањето е легална и валидна алатка за истражување на јавното мислење, секако доколку се спроведува во согласност со сите релевантни критериуми, а да се покаже вистинската состојба на теренот.
Анкетата, според тоа дека ја нарачува и потоа ги коментира резултатите, е легитимен приод кон формирање на политиките и за лидерот на ЛДП Андреј Жерновски. Ако се земе предвид реакцијата од СДСМ по последните истражувања на јавното мислење на Републиканскиот институт ИРИ, објавено кон крајот на септември, Жерновски, сепак, не би требало да верува на овие резултати.
СДСМ по анкетата, која покажа дека доколку утре би се одржале избори, ВМРО-ДПМНЕ би освоила 29 проценти од гласовите, а СДСМ 10, излезе со став дека сѐ додека во Македонија не се врати слободата на изразување, ниедна анкета не може да се смета за релевантна. Граѓаните не можат слободно да ја изразат својата волја на избори, уште помалку на анкета.
По дебаклот на претседателските и парламентарните избори, на кој СДСМ се надева на победа потпирајќи се на анализите на агенцијата „Рејтинг“, сега можеби и Жерновски би требало да ја „провери“ методологијата за работа на агенцијата. Но, засега, бидејќи и Жерновски и другите партнери на СДСМ нарачуваат анкети за свои потреби, во Македонија изгледа во анкетите и резултатите од испитувањето на јавното мислење не веруваат само Зоран Заев и Радмила Шекеринска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


