Проект-менаџерот знае да испланира од почеток до крај.
Знае кога е време да си ги спакува парталите. Знае кога е време да се распостели и да ужива во сработеното. Проект-менаџерот можеби нема слободно време да гледа турски серии, но е вистинската личност што може да осмисли и да организира снимање приказни за 1001 ноќ…
Проект-менаџерот ја поставува целта пред да биде постигната и се движи од целта кон почетокот. Ги знае сите етапи на патот и можните пречки. Ги предвидува со прецизност.
Проект-менаџер е некој што никогаш нема да ви рече „A penny for your thought“…. бидејќи не сака залудно да си ги фрла парите… Освен тоа, неговите претпоставки за тоа што мисли другиот се точни со 99-отстотна сигурност, а ако и не се, тоа е затоа што другиот скришно се премислил во меѓувреме.
Проект-менаџерот знае однапред.
Проект-менаџер умее да пресмета до последен денар, колкав е износот потребен за реализација на сите желби од детството до денес…
За него нема незнаење.
Незнаењето коешто не знае за своето незнаење, за него е обична тафтологија.
Умот на проект-менаџерот е секогаш отворен за нови сознанија. Тој е како падобран. Може да лета само ако е отворен.
Проект-менаџерот сам го одбира тимот со кој ќе работи. Луѓето што му се потчинети и што учествуваат во реализација на проектот, веруваат на неговата визија…
Проект-менаџерот никогаш не ризикува. Проектот тече според замислата од почетокот до крајот, а во таа замисла сè е на свое место и точно навреме.
Проект-менаџерот личи на архитект кога за местото на својата куќа ја одбира онаа страна на планината каде што нема да има свлечиште.
Проект-менаџерот кога вели да, мисли да и кога вели не, мисли не. На секои десет „не“ има едно „да“.
Проект-менаџерот никогаш нема да заглави во несакано или во туѓо животно сценарио. Тој е виртуоз во изборот на жанрови и најдобар кастинг директор на сопствените пријатели. Пријателите го сакаат, а непријателите го почитуваат.
На проект-менаџерот му е совршено јасно дека светов во којшто живееме е свет на постојани промени. Некој што денес е богат, утре може да банкротира. Некој што вчера банкротирал, денес може повторно да застане на нозе. Затоа тој инвестира во своето унапредување и наместо да купува злато и скапоцени камења за црни денови, тој се храни со органска храна и секој ден го почнува со добра мисла.
Проект-менаџер е некој што знае дека нема пат до среќата, туку среќата е патот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.