1992 е престапна година. И календарски и според случувањата во Македонија, на Балканот и на европскиот континент. Во суверена Македонија, државата првпат го празнува Божик. 1992 е година кога европскиот континент во Мастрихт се обединува во Европска унија, а во Босна и Херцеговина почнуваат војната и 4-годишната опсада на Сараево, најдолга во модерната воена историја.
Тоа е и годината кога државата и општеството секојдневно формираа институции. На Домот на ЈНА е откриена плоча Дом на АРМ, донесена е одлука за формирање Македонска информативна агенција (иако првата вест ја емитуваше дури во 1998 година), формиран е Македонски олимписки комитет, Лекарска комора на Македонија, Комора на приватниот капитал на Македонија и Македонска царина.
Тоа е годината кога комисијата на Роберт Бадинтер во име на Европската заедница пресекува дека Македонија исполнува услови за меѓународно признавање, а истата заедница од Лисабон порача дека нема да нѐ признае под името Македонија. За да го спречи признавањето на Македонија, Република Грција како земја-членка на Европската заедница извршува притисок врз останатите земји-членки преку Лисабонската декларација, која забранува какви било територијални претензии кон Република Грција, непријателска пропаганда или, воопшто, користење на терминот Македонија од страна на Република Македонија. Европа ги признава Словенија и Хрватска, но не и Македонија, која ги прифати уставните измени како некој предуслов за признавање.
Шверцот со цигари чини 10 милиони марки
„Владата од почеток на февруари прифати врз реципрочна основа тутунските производи во другите републики да се продаваат без пресметан данок на промет… Главно, создаде идеални услови за шверцување бидејќи некои претпријатија, а посебно од другите држави на бившата Југославија, сосема легално купуваат цигари од „Македонија табак“ без платен данок на промет и наместо за своите подрачја, ги пласираат на нашиот пазар. По двојно поевтини цени…“, пишува Нова Македонија на 22 мај 1992 година.
Весникот на 25 август, пак, пренесува барање од Управниот одбор на ТП „Центро“ Скопје, кој констатира дека поради масовната нелегална трговија и шверц, „со алкохол, цигари, кафе, прехранбени производи, текстил, техничка стока, хемиски производи и на сѐ друго“, „колективот е доведен во мошне тешка состојба…и не ќе биде во состојба да ги исплати личните доходи на вработените.“
Во домашната политика во оваа година се влезе без потпретседател на претседателот откако Георгиевски поднесе оставка поради непремостливи разлики со Глигоров. Од друга страна, освен притисокот од Грција за меѓународното признавање, постои и економско отсекување од солунското пристаниште, па нафтата и дериватите во Македонија се добиваат „на лажичка“. Така, пред секоја бензинска пумпа се чека со часови и со денови.
Економскиот притисок од сите поранешни републики создаде огромен вишок пари во Македонија. Тоа, пак, предизвика невидена инфлација. Но, и загуба на вредности, како злато, се купуваше и се носеше надвор.
Тоа е годината кога денарот го заменува динарот, регрутите на АРМ ги заменија војниците на ЈНА, се менуваат државните симболи. Додека стигнуваат признавања од новите и стари држави на Балканот, Србија и Црна Гора ја формираат СР Југославија, а меѓународната заедница ја става под ембарго. Тоа дополнително ја туркаше економијата надолу бидејќи две третини од економијата беше поврзана со региони кои сега се под ембарго или војни.
Сите тие состојби отворија нелегални патишта за создавање некои нови бизниси и бизнисмени во Македонија. Се шверцуваше нафта, шеќер, кафе, цигари. И тоа во двата правци. И тоа со знаење и вмешаност на власта. Дури и оружје.
На 20 октомври 1992 година „Нова Македонија“ пренесува за судски случај за шверц со оружје (во кој, сепак, главните актери се во бегство), па објавува: „Случајот со внесување на пушките ’маверик’ од Грција во нашата земја, по откривањето беше означен како најголем откриен шверцерски синџир на овие простори. Во меѓувреме, заради процутот на шверцот со оружје на територијата на Македонија, таа го загуби водечкиот примат…“
Миљоски: Приватизацијата ќе го смени целиот систем
Во почетокот на летото веќе се дискутира за „трансформација на општествените претпријатија“, односно за приватизација. Иако сите се согласни дека такво нешто е потребно… се бара и листа на оние пратеници, министри и функционери што веќе имаат акции. Јане Миљовски во експозето по предлогот вели дека тој закон не треба да се третира како обичен „бидејќи станува збор за акт од исклучителна важност кој драматично треба да го измени целиот економски и стопански систем на Македонија и да резултира со подигање на животниот стандард на населението“.
Новите економски состојби, со блокади од југот и затворени граници на северот, главниот извоз на македонската економија, предизвикуваа и денови без леб, без млеко или без месо. Само ригидната антиинфлациска програма го смирува огнот – со определување на највисоките цени за основните прехранбени производи.
Пакетот економски реформи и замрзнувањето на платите се побиени со изгласување пратенички предлог за околу 40-процентно зголемување на платите. Набргу потоа паѓа и владата на Кљусев. ВМРО-ДПМНЕ не застанува зад неа бидејќи цело време тврди дека таа не е „вмровска влада“. Откако Петар Гошев со договорена широка коалиција го враќа мандатот заради тоа што му биле наметнувани кадровски решенија, претседателот Киро Глигоров мандатот за формирање влада повторно му го доверува на СДСМ, односно на Бранко Црвенковски. Тој го прифати и на премиерското место остана до 1998 година.
1992 е и годината кога аферата „Сина птица“ ја потресува јавноста, а низа личности стануваат цел на следење на тајните служби. СДСМ ја зеде комплетната власт во свои раце, полицијата се опремува со очила за сонце „реј бан“ и со парадни коњи – липицанери. 1992 година уште долго ќе се споменува како година на Законот за државјанство, со кој популацијата во Македонија нараснува за нови 150 илјади.

Љубчо Георгиевски: Загубено време за македонската економија
Во 1992 година е воведено ембарго кон СРЈ и почнува кршењето на ембаргото од што многумина профитираа.
Георгиевски: Сметам дека тоа е едно загубено време за македонската економија. Како ВМРО- ДПМНЕ бевме набљудувачи на сите тие процеси, главни играчи беа од СДСМ. Ние имавме некои полуинформации дека се случува сето тоа. Но, потајно се надевавме дека сите тие пари, цел тој шверц, се прават со некој интерес за Македонија, како буџет, како девизни резерви, како државна економија, да се поправи тоа што беше останато од оној претходен грабеж од Југославија, конкретно од Србија кон Македонија. Потоа излезе дека целата приказна била оти имаме фирми што се збогатиле приватно, некои поединци направиле пари…
Кои беа инволвирани во тоа?
Георгиевски: Власта во Македонија, оние кои ја контролираа границата. Од границата, до полицијата. Главниот бизнис беше нафтата, но јас се сеќавам дека се шверцуваше буквално сѐ. Шеќер, кафе, цигари, сѐ што од денешен аспект е смешно.
Во 1993 година меѓународната заедница опоменува за шверцот и за кршењето на ембаргото. За колкави суми се работело?
Георгиевски: Не можам точно да знам бидејќи многу од тие документи беа уништени. Да ве потсетам, често имаше пожари, во царина, во аеродром. Така се уништуваа документите. Се сеќавам, подоцна еден службеник во Царина најде документ со список за извоз на нафта. Во него имаше неверојатни суми за извоз на нафта од Македонија. Дури, што беше интересно, имаше извоз на нафта од Македонија во Норвешка, од најголемите производители на нафта, од околу 200 милиони долари. Веројатно тогаш тоа не го знаел некој.
Но, шверцот е повеќе насочен кон Македонија, не обратно. Покрај шверцот кон Србија, се шверцуваше и кон Македонија. Не се плаќаа царини, ни данок на промет (сегашно ДДВ), и имаше страшна евазија на сето тоа.
Парламентот во 1992 година дебатираше за потребата од приватизацијата.
Георгиевски: Прашањето е зошто луѓето што ги приватизираа компаниите, а во најголем дел беа припадници на Комунистичката партија, денес, по 23-24 години, ги немаат тие фирми. Секој што, макар и во тоа матно време, зел фирма и ја задржал до ден-денес, за мене е добар бизнисмен. Секој што зел и ја уништил, треба да биде ставен на ѕидот на срамот. Сето друго мислам дека е оддамна завршено. Факт е дека се направени многу малверзации и дека имаше максимално изигрување на работничката класа, иако, демек, им дадоа некакви акции.
Каде отидоа тие акции?
Георгиевски: Може да замислите кога ние дури во 1998/99 година ја сменивме одлуката со која работникот може да ги продаде тие акции кому сака. Претходно можеше да ги продаде само на генералниот менаџер. И тоа траеше до 1998 година. И велеа „имаат акции“.
Дури биле давани на чување кај директорот.
Георгиевски: Важеше правилото дека директорот управува со нивните акции. Второ, важеше правилото ако акцијата вреди 100 марки, ти ја откупува за 5, со притисок затоа што, нели, „не вреди“. Да не зборуваме за транзициските игри. Директорот дава како хипотека делови од фирмата, а банката му дава личен кредит за да може да си купи акции. Седумдесет проценти од приватизацијата е направена на тој начин.
Дали се обезвреднуваа компаниите намерно за да можат да бидат купени?
Георгиевски: Да, обезвреднувањето е дел од таа приказна ако компанијата е со голема моќ . Прво, се крадеа фирмите со лажни договори за дел од менаџерскиот тим да има кеш и во втора фаза да купи повеќе акции. Но, така ја ослабуваа економската моќ на фирмата и ја фаќаше вителот на пропаѓањето. Тука дополнително дојдоа, не се сеќавам на годините, едни банкарски камати кои беа по 100 проценти или по 200 проценти на годишно ниво и така банките направија дополнителен удар на фирмите и едноставно крахот на македонската економија беше јасен.
Во 1992 година почнуваат набавките на очила, коњи и уметнички слики за полицијата до медицинска опрема преплатени и по неколку пати…
Георгиевски: Не знам точно ниту како му беше името на тој закон. Но, знам дека во 1999 година донесовме нов закон во кој беа поставени многу јасни правила за тоа што значи јавна набавка. Но, со тој закон беа многу широко дефинирани правилата за набавка. Ги немаше тие правила на наддавања, тендери. Сето тоа е направено по 1998 година.
Некој ќе рече: „Зошто не сте ги гонеле подоцна?“. Па, таков бил законот, законски беа покриени. Веројатно тие работи кулминираа во периодот 1994-1998 кога ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија го бојкотираа парламентот. СДСМ беше задоволен сам со себе, владееше заедно со Либералната партија во таа коалиција и мислеше дека тоа никогаш нема да заврши.
Афера „Сина птица“
Во 1992 година излегоа на виделина аферите „Дувло“ и „Сина птица“. Со операцијата. За време на владеењето на СДСМ во 1992 година неовластено беа прислушувани и следени функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Во „Сина птица“ тогашната Служба за државна безбедност користи и прислушување и инфилтрирање за да „намести” припадници на ВМРО-ДПМНЕ во внатрешноста да формираат паравоена формација.
– „Сина птица“ беше конструкција на одредени структури во службите. Основата беше да се направи паравоена структура во рамките на ВМРО-ДПМНЕ и во одредена фаза да се искомпромитира ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија – анализира Љубчо Георгиевски за „Република“.
Нешто слично како што ѝ направија на ПДП кога генералниот секретар и серија видни луѓе на ПДП беа затворени затоа што правеле паравоени структури. Тогаш ПДП беше искомпромитирана. Не знам зошто СДСМ ја искомпромитира ПДП кога тие им беа лојален сојузник. Но, намерата за нас беше многу јасна, бевме главен и дефиниран политички противник и со аферата„ Сина птица“ ВМРО-ДПМНЕ требаше да се промовира како терористичка организација.
Тука главни играчи беа Величковски (Добри Величковски, поранешен директор на Службата за државна безбедност и контраразузнавање) и Млекцето (Драган Стојменовски-Млекце), но не верувам дека СДСМ, и особено Киро Глигоров, не знаел за целата таа работа. Така што, оваа афера е многу моќна затоа што содржи политичка криминална димензија, не е тоа обично прислушување, тоа е организација за да разбие една политичка структура. И тоа во момент на демократизација.
Александар Флоровски, тогашен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен член на Комисијата за надзор на службите, достави до „Република“ стотина документи и транскрипции од снимени телефонски разговори.
– „Сина птица“ е иницијална каписла кога почна обработката на сите членови на ВМРО-ДПМНЕ кои покажуваа малку повеќе храброст, а тие го нарекуваа македонски екстремизам, национализам, врховизам и тероризам. Но, бараа образложение за оперативни акции против наведените луѓе, меѓу кои сум и јас. Во акцијата „Павароти“, па акцијата „Автомобил“, што се однесува на атентатот врз Киро Глигоров.
Било следено и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, легитимна парламентарна политичка партија во операција „Темел“. Спроти нас беше хотел „Турист“, а една од собите постојано беше на ДБК. Се снимаа сите што влегуваа, се прислушуваа, дење-ноќе беа обработувани. На пример, Паун излегол со Леди (Доста Димовска) во толку и толку, заминале по таа маршрута… Сите под псевдоними. Има и снимени телефонски разговори, сѐ што можеше да се употреби против ВМРО-ДПМНЕ е снимено, па симнато на хартија и доставено до министер, до началник, заменик-началник, тој што го дава предлогот, па се микрофилмувани. Дел од нив завршуваат во приватни архиви. Дел се уништувани. На пример, моето досие го нема, а половина од досието на Филип Петровски е за мене – вели Флоровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Лустрацијата – недовршен процес (Том IX)
-
Груевски: Грантови за компаниите кои ќе ги рестартираат фабриките жртви на транзицијата
-
Димовски: Државата ќе помогне да се рестартираат фирмите жртви на транзицијата
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Борци за независна и обединета Македонија (Том VII)



