Вечерва во 20 часот во Драмски театар во Скопје ќе се одржи премиерата на претставата „Ждрело“ на Жанина Мирчевска, а во режија на Зоја Бузалковска. Улогите ги толкуваат Рубенс Муратовски, Лилјана Велјанова, Диме Илиев, Трајанка Илиева – Таци, Филип Трајковиќ, Димитрија Доксевски, Александар Степанулески, Соња Стамболџиоска и Ивана Павлаковиќ. Костимите се на Лира Грабул, а авторската музика е на Огнен Анастасовски. Драматургијата ја направи Александра Бошковска, а сценографијата е на Љупчо Јованов.
„Ждрело“ премиерно беше изведена на 23 јули на Охридско лето, а ова ќе биде скопска премиера.
Текстот „Ждрело“ на македонската драмска авторка Жанина Мирчевска, која подолго време живее и работи во Словенија, е напишан пред осум години и е поставен во Словенско народно гледалишче во Љубљана во 2009 година, а претставата на Бузалковска е праизведба на овој текст во Македонија.
„Ждрело“ е трагикомична фарса, која говори за глобалната ненаситеност и на консумерскиот нагон во современото општество. Главниот лик, кој е безимен поради својата лакомост, се наоѓа во вителот на консумирачкиот и потрошувачки дух. На своето патешестиве од сиромашен отпуштен продавач на автобуски карти до богат наследник на огромно богатство, минува низ сопствениот пекол, кој е пат на сопствено спознавање.
– Се работи за оригално напишан текст и јас го имав тоа задоволство да работам со посебно значаен актерски тим. Со Рубенс Муратовски, кој го толкува главниот лик, се познаваме многу добро, практично тој игра во сите претстави што сум ги режиала – вели Бузалковска, која имаше многу пофални зборови и за младите и, како што вели таа, уште помладите актери.
Таа вторпат работи текст на Мирчевска и за неа вели дека користи бескрајно универзални теми, кои се понекогаш и болни.
– Искрено се надевам дека ќе ве заболи тоа што ќе го видите во претставата. Ако не ве заболи , тогаш вие гледате на светот со некои темни очила – вели Муратовски.
Во претставата игра и младата Ивана Павлаковиќ, која веќе имаше филмско деби во „Деца на сонцето“, а „Ждрело“ ѝ е прва претстава во Драмски театар.
– Посебно ми е драго што се најдов во оваа претстава. Режисерката Бузалковска ме познава од Факултетот за драмски уметности. Овој текст говори за сите проблеми што нè притискаат, за сите фрустрации, желби… Јас играм лик што е многу фрустриран од родителите – објаснува Павлаковиќ.
„Ждрело“ отвора низа прашања што се дел од нашето секојдневние: здрав живот, педофилија, инцест, расишништво, заштита на животни, абортус, стереотипи, хомеопатија, реклами, потрошувачко општество… Сепак, кризата на духот е можеби најјасното место во „Ждрело“, а воедно и најсуштинското. Убивањето овде е заменето со јадењето, со ждерењето себеси и на сите и се околу себе со страста на алчноста, со лакомоста, со порокот на длабоко всадена потрошувачка психологија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.