| четврток, 6 декември 2018 |

Победа против Задар за сефте на МЗТ Скопје во новата сала

МЗТ Скопје вечерва ја продолжува новата авантура во Јадранската лига, а противник е реномираниот хрватски клуб Задар. Металците од Скопје посакуваат прв триумф во новата сала „Јане Сандански“, а во Аеродром повторно се враќа кошарката откако претходните две сезони МЗТ играше во салата „Борис Трајковски“. Премиерата на Јадранот сезонава беше со пораз од Мега Визура по продолженија.

Не сум задоволен од играта на првиот меч, но очекувам нашата екипа и нашата игра од натпревар во натпревар да расте. Отсекогаш сум инсистирал на силна одбрана, но мора да признам дека тоа не е случај во моментов со МЗТ Скопје. Нападот можеби ги полни салите и нуди атрактивни потези, но одбраната носи победи, а одбраната и скокот носат трофеи– изјави искусниот тренер на МЗТ Скопје, Змаго Сагадин.

И тој е нов во клубот по ангажманот ова лето на клупата на МЗТ Скопје. Словенечкиот стратег има огромно искуство и квалитет, што му носи предност на македонскиот првак.

Наша цел ќе биде денеска да примиме помалку од 70 поени затоа што верувам дека од друга страна ќе постигнеме повеќе од 70, а тоа е доволно за победа. Американецот Флоренс е еден од клучните играчи на Задар и него мора да го запреме, но, исто така, не смееме да дозволиме противникот да се расшутира од далечина. Во Задар кошарката е религија и очекувам тежок и неизвесен меч –додаде Сагадин.

Натпреварот се игра вечерва од 20 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top