Понеделник е последниот рок кога граѓаните од ранливите категории може да поднесат барање за отпис на долговите. Продолжување на рокот ќе нема, а надлежните ги повикуваат граѓаните што ги исполнуваат условите да ги посетат
центрите за социјална работа и да поднесат барање. Досега се поднесени околу 33.857 барања, а Комисијата веќе ги разгледува досега поднесените барања и се очекува првите решенија за отпис да бидат врачени од 20 до 25 овој месец, а целиот проект да заврши во ноември.
Заклучно со вчерашниот ден, како што инфомираа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, доствени се околу 34.000 барања, поточно 33.857. Најголем дел 11.000 се во Скопје, во Куманово има 4.500, а следуваат Прилеп, Тетово, Гостивар и Струмица со поднесени меѓу 1600 и 2600 барања.
– Уште пет дена има до крајниот рок, 13 октомври во 1 часот и 30 минути. Апелирам граѓаните да не го чекаат последниот ден кога ќе има гужви и нервози, туку да дојдат уште денеска и да поднесат барање – порача министерот Ставрески.
Тој додаде дека нема причина за продолжување на рокот, бидејќи граѓаните беа информирани и очекува оние кои ги исполнуваат
условите да ја искористат можноста и правото за отпис на долгови.
Потеницираше дека поднесените барања потврдуваат оти мерката е добро дизајнирана и насочена кон ранливите категории на кои ќе им се отпишат долговите и ќе им се помогне да се опорават.
Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса.
Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.
Барања може да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени и лица што имале смртен случај или инвалидитет во
семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.