Берлин влијаеше многу позитивно врз грчкиот премиер. Студениот германски воздух во комбинација со традиционалната свинска коленица и голема чаша „берлингер“, очигледно, барем привремено, видно го намали нивото на национализам и на шовинизам на првиот човек на владата на јужниот сосед. Или се парите?
Андонис Самарас, поведен од студената берлинска клима и, поверојатно, од близината на Ангела Меркел и од топлината на германските милијарди, доживеа вистинска трансформација. Неговата промена ги поттикна и менаџерите на „Марвел“ за негов ангажман во сценските ефекти за најновиот,шести дел од хитот „Трансформери“, но и тие се премислија поради привремената фаза на неговата фактичка состојба. Имено, привидната, одглумена и тешкоиздржлива состојба на Самарас траеше само неколку часа, темпирана до моментот на поздравување со германската канцеларка, за набргу да се врати во ликот на стариот, познат националист и квазиисторичар. Сепак, за многумина многу повеќе од доволен беше изразот на неговото лице кога грчкиот премиер на конференцијата за печат одби да одговори на прашањето, кое беше сосема јасно и, за негова жал, како и за многумина други, премногу добро составено. „Господин премиер, вие секогаш велите дека европските вредности се многу, многу важни за Грција. Не е ли време овие европски вредности да добијат предност во однос на вашите политички интереси, кои ја блокираат Македонија?“, праша новинарката на ДВ во Германија. Самарас со тешко срце, подголтна, премолчи и не одговори.
Го погоди фактот што прашањето дојде од германски новинар, вработен во еден од нивните најголеми и најетаблирани медиумски сервиси. Молкот на Самарас и неговото подголтнување на „кнедлата“ се подразбираше, исто како и неговиот одговор, кој го немаше.
Маката не неговото лице го издаде проблемот со „стегањето“ и со неможноста да си ја отвори душата во однос на македонското прашање, но творецот на истиот тој проблем и прашање најде сила и се воздржа од искреноста. Целта беше многу голема, а се вика вадење на сопствената земја од калта во која ја доведе истата таа партија што ја претставува денеска, а во неа не е докрај пропадната токму поради земјата на госпоѓата што стоеше на половина метар од него. Премногу причини за да се каже тоа што се мисли. И така Самарас заигра за „Оскар“, или за „Златна малина“. Крајниот збор ќе го имаат критичарите, или, сепак, Меркел…
Секогаш остриот и бескрајно провокативен грчки премиер, кој во ниту еден случај претходно не забораваше да ги исправи и поправи „безобразните и неуки“ новинари и да ги подучи дека Македонија е грчка, сега заборави на својата дидактика и, наспроти константно промовираниот стил, не ја исправи германската новинарка, која нашата земја ја нарече едноставно – Македонија?! Близината на Меркел влијаеше педагошки врз истиот тој грчки педагог, кој соочен со реалноста и со потребата од уште неколку милијарди евра, едноставно, замижи и премолчи дури и пред за него толку болниот збор „Македонија“.
Сличен беше и неговиот одговор на прашањето дали се зборувало за Македонија. И додека Меркел со дипломатски вокабулар одговори: „Денеска не разговаравме за спорот за името. За тоа разговаравме во друга пригода и ќе разговараме. Денес на дневен ред беа билатерални прашања“, Самарас, кој е секогаш расположен за квазиисториски беседи, кусо одговори: „Од моја страна, немам што да дополнам“. И толку?!
Тоа што остана да лебди во берлинскиот воздух, факт што очигледно се читаше на лицата на новинарите присутни на прес-конференцијата е – што можеше да дополни Самарас во и така крајно дипломатскиот одговор на Меркел, кој немаше никаква информација и содржина во себе?
Главниот проблем на Грција, сепак, не е во прашањето, туку во можноста тоа да се постави. Секој што бил во Берлин, на прес-конференција од ваков калибар, знае дека можноста да се постави прашање на ваква средба се граничи со научна фантастика, т.е. новинарите што ги поставуваат се однапред определени, како што беше и ситуацијата на последната прес-конференција на Меркел со Баросо и со Еди Рама, која следуваше по средбата за Западен Балкан. Новинарите што поставуваат прашања на вакви средби и содржината на прашањето, буквално, им се познати на модераторите уште пред прес-конференцијата, кои ги избираат според потребата и значајноста на прашаното. Вака, пак, содржината на прашањето до Самарас за Македонија, во кое се нагласува грчкото непочитување на европските вредности, добива сосема поинаква димензија…
Венизелос звучеше како „расипана“ плоча
На невообичаените смиреност и промисленост на Самарас во Берлин им претходеше репризата на грчката надворешно-политичка драмска игра во Њујорк.
Од другата страна на големата бара, неговиот шеф на дипломатијата се сретна со првиот човек на ООН, Бан Ки Мун. Тој излезе и не кажа ама баш ништо ново. За разлика од новата улога на грчкиот премиер, кој во Берлин, 24 часа претходно насила ја наметна лошо скроената овча кожа, министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос во големото јаболко ги отсвири толку познатите грчки ноти и ги „истресе“ на маса истите барања и ултиматуми. Венизелос по којзнае кој пат ги повтори нивните патетични „црвени линии“, кои веќе не се ни симболични, а можеби некогаш биле и челични, но по толку честа и долгогодишна употреба фатиле корозија и станале поблиску до црвени. За да ја надополни прикаската, која поради стоењето во место и статичноста на состојбата дел од македонските опозиционери сериозно, не и комично, за жал, би ја констатирале како „фригидна“, Венизелос не заборави да спомене дека проблемот е кај северниот сосед. Класиката на модерната грчка басна (која поверојатно е грчки парадокс) и натаму се базира на моментот на поставување услови од кои не се отстапува, зачинето со обвинувањето дека некој друг не преговара. Дури и Езоп би бил во тешка дилема на кое магаре да му ја даде улогата во басната, која нема никаква логика. Секако, со почит „кон сите“ магариња или „ерга омнес“ магариња – првото е преводот на толку споменуваната латинска фраза од грчка страна. Да, сите би очекувале дека е грчка, но таа, сепак, е само латинска…
Аналитичари: Ќе сфати ли Меркел по средбата со Самарас дека проблемот е нерешлив?
Паралелно со случувањата на генералното собрание на ООН, се случи и средбата во Берлин. Случајно совпаѓање или во политиката, сепак, нема случајности? Професорот по меѓународно право Лазар Лазаров не верува во случајности, а поранешниот амбасадор Ристо Никовски смета дека Меркел по средбата со Самарас ќе сфати дека проблемот е нерешлив.
ЛАЗАРОВ: Во политиката нема ништо случајно. Ангела Меркел е како Маргарет Тачер во свое време. Таа има цврст став и мислам дека најмногу од сите настојува да се реши прашањето. Сепак, клучот за решение е кај САД. Тие се тие што последните децении изигруваат светски „џандари“ и насекаде ги гасат пожарите што самите ги палат.
НИКОВСКИ: Меркел веќе јавно кажа дека го следи случајот и дека е само прашање кога, а не дали и лично ќе се вклучи во неговото решавање. Најдобар доказ дека тоа е точно беше нејзината средба со Нимиц, во Берлин, пред некое време. Читателите можат да бидат сосема уверени дека Меркел не го прави сето ова за да ѝ помогне на Македонија. Нашите фундаментални аспирации да останеме тоа што сме, неа ништо не ѝ значат. Меркел ги следи германските интереси и интересите на Унијата, а не треба да се потценат и потребите за градење на нејзин личен авторитет и лидерска позиција во Европа. Од друга страна, Грција ѝ е исклучително важна бидејќи сѐ уште од неа зависи судбината на еврото, кое е клучот за (не)успехот на Германија. Нема ниту еден факт или аргумент за некаква можна германска наклонетост кон Македонија или водење макар минимална сметка за нашите легитимни и универзални барања. Напротив.
Никовски вели дека е очигледно дека Меркел е упорен и амбициозен политичар и кога нешто ќе најави, како ангажманот за нашето име, нема враќање. Разврската, пак, цени тој, може да ја бара само во Атина бидејќи нас не нѐ сметале за поголем фактор. Резултат на ова, за него, била и средбата меѓу Самарас и Меркел во Берлин.
НИКОВСКИ: За наша среќа, шансите на Маркел да направи нешто на тој план се никакви. Силен е впечатокот дека по разговорите со Самарас таа ќе се соочи со реалноста и ќе ги преиспита своите намери! Ќе сфати дека, барем засега, проблемот е нерешлив. Ако дојде до таква, објективна евалуација, тоа може да биде поволно за нас. Би можело да се очекува Меркел да се пренасочи во барање на некакво привремено премостување на проблемот, а ние ништо друго и не сакаме. Меѓутоа, за работите да добијат таков правец на движење ние мораме да го изодиме својот дел од патот, со нудење добро осмислени конкретни чекори, кои треба да следуваат. Со други зборови – да ѝ помогнеме на Меркел, за да ни помогне и таа. Дали сме подготвени за такво нешто е сосема друго прашање.
Непроменливиот грчки став и инсистирањето на „ерга омнес“ не ги изненадува. И Лазаров и Никовски се на иста линија и предлагаат поостра реакција на Македонија.
ЛАЗАРОВ: Тоа не е ништо ново, Грците одат уште полошо и од досегашните ставови на Самарас и на Папуљас. Вината, како и вообичаено, ја префрлаат на македонската страна. Но тоа не е проблемот. Мене ме чуди дали САД и ЕУ се слепи? И најобичниот светски граѓанин сфаќа дека Грција не е во право. Сепак, мислам дека ова е одраз на односот на демократите во Вашингтон кон нас. Така не ме изненадува ниту ставот на новиот амбасадор Џес Бејли. Ни во догледно време не очекувам ништо ново сѐ додека се на власт. Македонија, пак, треба уште поостро да реагира во однос на овие прашања, а директно и нашиот државен врв.
НИКОВСКИ: Атина нема никаква потреба да го менува својот став иако е тој екстремен и апсурден. Јасно им е дека и со окупација тешко ќе нѐ присилат да се прекрстиме дома. Ама, ја повторуваат својата ерга омнес бидејќи ние ништо не правиме за да ја промениме оваа, за нас, крајно неповолна ситуација. Впрочем, Атина е свесна дека по Букурешт (2008) нашата позиција слабее, а ние не реагираме. (Крајно) Време е да тргнеме во офанзива, и безбројните аргументи што ги имаме да ги ставиме на маса бидејќи жестоко сме нападнати од разни страни. Обезличувањето на нашиот народ од страна на САД, со синтагмата „Словени“, не е случајно. Пораката е јасна – ние не сме Македонци… Што повеќе треба да ни кажат за да разбереме?
Топката е во нашиот двор и ако не ја шутнеме навреме, последиците ќе бидат несогледливи. Неспорно е дека и посредувањето на Нимиц се потроши бидејќи 20 години не даде никаков разлутат. Треба да се бара нова формула во рамките, а никако надвор од ООН. Иницијативата мора да биде наша.
Ќе расте ли бројката на евроскептици во Македонија?
Како и да е, името останува пречка за евроинтеграциите на Македонија во ЕУ и во НАТО. Од друга страна, според последната анкета на „Социетас цивилис“, дури 63 проценти од граѓаните не се согласуваат на влез во овие организации доколку услов е промена на името. Ова е втора анкета во една година со многу слични резултати, во претходната, која беше поделена и по етничка основа, дури 80 проценти од етничките Македонци го споделија овој став. Очекувањата се дека со минување на времето, бројката ќе се зголеми. За Никовски Македонците се претолерантни, за Лазаров, пак, ова е логична реакција на уцена…
НИКОВСКИ: Толеранцијата е синоним за култура. Трпеливоста е, исто така, врвна доблест. Меѓутоа, овие основни карактеристики на нашиот народ, кога се премногу експонирани, можат да бидат и контрапродуктивни. Како во конкретниов случај. Релативно ниското ниво на евроскептицизам во земјата зборува токму за нас! По сѐ што ни прават Вашингтон и Брисел, еве веќе речиси четврт век, и со нивните двојни стандарди, и со нивните лекции во кои и самите не веруваат, и особено со нивните бескрупулозни манипулации и злоупотреби на кои сме речиси дневно изложени… просто е неверојатно колку е висок степенот на заинтересираност кај народот за Брисел. Заслуга за таквата ситуација, секако, има власта, која е (премногу?) воздржана и не се обидува да ги разоткрие потезите на Вашингтон и на Брисел. А има и премногу факти и аргументи за една таква кампања. Сепак, во основата, тоа е добра политика бидејќи интересот за земјата да стане дел од ЕУ заслужува поддршка. Меѓутоа, во никој случај не по секоја цена. Ултиматумот што ни е поставен – прво името, потоа членство, е навредлив и треба со индигнација што побргу да се отфрли. Паралелно, да се бараат начини за надминување на ќор-сокакот, а решенија има.
ЛАЗАРОВ: Тоа е реално расположение, реакција на вистинска уцена. Знаете, звучи малку лошо, но и кутрето Шарко ако го прекрстиш во Џони ќе те игнорира и нема да се врти кога ќе го викнеш. Дури и тоа има свое достоинство. Светските примери се многу. Познатиот истражувач на океаните Жак Кусто се откажа од христијанската вера и го прифати исламот, но почина како Француз. Малкумина знаат дека и Ибрахим Ругова пред смртта беше кај папата за да се врати во христијанската вера, но остана Албанец. Правото на верско и на национално чувство се свети и неотуѓиви за секој човек.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 108. број на неделникот „Република“, 26.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.