Косовскиот министер за внатрешни работи во заминување Бајрам Реџепи, коментирајќи ги апсењата во изминатите два месеца на лица осомничени за поттикнување, регрутирање и испраќање косовски граѓани за Сирија, изјави дека џихадистите се потенцијална опасност за Косово.
– Јас знам за нив еден непобитен факт, а тоа е дека дел од нив се зависници од дрога. Базирајќи се на нивниот профил, најголемиот процент од нив се слабо образовани, тие се лица кои имаат криминално минато, биле вклучени во разбојништа и тешки кражби, убиства, обиди за убиства и други кривични дела – вели Реџепи.
Неофицијално, како што јави дописникот на МИА, на страната на џихадистичката група Исламска држава (ИД) војуваат најмалку 200 Косовци, а до сега бројот на убиените надминува 20. Добар дел од Косовците таму се заминати сосе семејства, а некои само со деца, кои ги земале без знаење на сопругите.
Инаку, социолозите сметаат дека недостигот на можности во земјата се причина голем број млади да се приклучат кон радикланите милитантни групи.
– Една од главните причини поради кои луѓето заминува таму, е економскиот фактор. Во Косово имаме 45 отсто невработеност, високо ниво на семејно насилство и масовно напуштање на училиштата. Сега тие гледаат во верата како последен чадор – оценува социологот Бардул Плаколи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


