
Денеска, на први октмоври, од печат излегува книгата „Слики со животна уверливост” на Снежана Младеновска Анѓелков, во издание на „ИЛИ-ИЛИ“ која се фокусира на филмската монтажа како важен творечки сегмент при обликувањето на документарниот филм, со осврт кон документарните филмови на македонскиот режисер Владимир Блажевски.
Во време кога во Македонија се објавуваат многу малку теориски трудови поврзани со филмската уметност, ова дело на Младеновска Анѓелков се очекува да наиде на добар прием како кај професионалците, така и кај вистинските љубители на седмата уметност.
„Ова е дело кое несомнено недостасува во македонската филмска литература, не само како теориски труд при кој се објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија. Делото зборува за креирањето на документарниот филм како комплексна и одговорна задача со темелна опсервација и сликовен опис на нештата, апострофирајќи ја филмската монтажа која ги истакнува латентните вредности на материјалот”, вели м-р Лазар Секуловски, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје во рецензијата на ова дело.
Младеновска Анѓелков е родена 1977 година во Скопје. Дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето „Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа” се стекнува во 2012 година. За нејзиниот прв роман „Единаесет жени“, издаден во 2011 година, ја добива наградата „Роман на годината“ на Утрински весник. Има долгогодишно работно искуство на телевизиска монтажа и креативно обликувала преку 500 документарни филмови, репортажи, патеписи…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски


