На откажувањата им нема крај кога е во прашање националниот фудбалски состав на Македонија, а нов шок на селекторот Бошко Ѓуровски и на сите на кои при срце им е репрезентацијата им приреди Иван Тричковски. Офанзивецот на Ал Наср од Дубаи му најавил на селекторот Ѓуровски дека нема да игра во овој циклус, секако и за следниот дуел со Луксембург во Скопје на 9 октомври.
– За жал, не најдовме зеднички јазик со Тричковски, дури ни кажа дека нема да игра за репрезентацијата, односно се откажува поради обврски во клубот од Обединетите Арапски Емирати. Некако фудбалерите се откажуваат премногу лесно. Порано беше голема чест да се игра за репрезентацијата, сега изгледа дека не е така – изјави Ѓуровски.
Од националниот дрес пред овој квалификациски циклус се простија и Горан Пандев и Николче Новески, а некако се најавува нов чуден тренд на откажувања, вклучувајќи го и потегот на Тричковски.
– Сметам дека ги одбрав најдобрите што ги имаме во моментов. Имам намера да играме уште поофанзивно во однос на дуелот со Шпанија. Нѐ очекуваат два меча, но сега мислиме само на слендиот ривал, на селекцијата на Луксембург. Имаат огромен напредок и на планот на играта и со резултати. Дисциплинирани се, играат модерно и нѐ очекува тежок натпревар. Но, ние ќе настапиме пред нашите навивачи и сакаме да ги освоиме трите бода, што многу ќе ни значат во продолжението од квалификацискиот циклус – додаде Ѓуровски.
Еве го списокот на репрезентативци што се повикани за мечот со Луксембург:
Голмани: Пачовски, Ефремов, Тофиловски
Одбрана: Шиков, Мојсов, Дамчевски, Цуцули, Велковски, Глишиќ, Ристовски
Среден ред: Адеми, Демири, Радески, Глигоров, Трајковски, Спировски, Муарем
Напад: Ибраими, Јаховиќ, Костовски, Велкоски, Абдурахими, Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.