| четврток, 6 декември 2018 |

Најстарата опера во Европа доаѓа во Македонија

enrico karuzo

Најстарата оперска куќа во Европа, Театар Сан Карло од Неапол, Италија, ќе гостува во Скопје, на 9 октомври, во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) со концерт, омаж „Легендарниот Карузо“.

На концертот  ќе настапат хорот и инструменталниот ансамбл на солистите од Театар Сан Карло.

– Вкупно 18 члена, од кои четворица тенори, ќе настапат на концертот во Скопје. Со нив ќе допатува и директорката на Театарот и со ова гостување очекуваме да се продлабочи културната соработка меѓу Македонија и Италија – изјави Дарко Башевски, директор на Агенцијата за филм.

Театарот Сан Карло е еден од симболите на Неапол, храм на италијанската опера. Отворен е на 4 ноември 1737 година и е најстара опера во Европа, која континуирано работи до денес. Ансамблот музичари на овој театар гостуваат во МНТ како дел од програмата на второто издание на Џифони Македонија со перформанс, омаж на еден од најголемите тенори Енрико Карузо.

– Ќе ја имаме честа на нашата сцена да настапат големи музичари, кои се модел за сите тенори во светот – изјави Елена Величковска-Николовска, дирекорка на Здружението за ширење на филмската култура „Џифони М“.

И покрај тоа што се поминати повеќе од 130 години од раѓањето на Енрико Карузо, митот за големиот неаполски тенор продолжува да живее запаметен од сите вљубеници на песната и во колективната меморија како икона на најголемиот тенор кој некогаш пленел на сцените низ светот.

Претставата се обидува да објасни како неговото искачување до врвот на лириката е благодарение на неколку судбински средби, но и резултат на неговата упорност и детска желба кој интерпретирајќи секоја вечер различни улоги од познати уметници, зазема место како своевиден изведувач во толпата, оставајќи ја зад себе традицијата на доцниот 18 век и создавајќи ја на тој начин генерацијата на новите тенори на 19 век.

Важно е да се анализира и како човек, да се сфати неговата поинтимна страна, шегите со своите колеги, блиските и убави моменти поминати со семејството, големите дела и сите нешта кои го прават контрастот на неговата фигура која набрзо ќе стане дел од универзалните легенди.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top