| четврток, 6 декември 2018 |

Во ДПА подметнувања за лидерската позиција, во ДУИ битка за локални лидери

ali ahmeti menduh taci_04

Претстојните конгреси најавени за крајот од годинава и почетокот на 2015, веќе наголемо ги тресат партиите од албанскиот политички блок, ДУИ и ДПА. И додека битката кај функционерите на ДУИ е насочена за превласт во разграноците, бидејќи лидерот Али Ахмети и најтесното раководство беа избрани на конгресот пред четири месеци, ДПА се соочува со паралелни конгреси, еден предводен од Мендух Тачи и другиот во организација на струшкиот градоначалник Зијадин Села, за задржување или преземање на лидерската позиција.

Сепак, иако интегративците се во трка за локални моќници, кај нив внатрепартиските избори поминуваат со поголема жестина. Се споменуваат тепачки и недоразбирања меѓу спротивставените табори, како тие во Сарај меѓу Рафиз Алити и Блерим Беџети и во кумановскиот разгранок. Од партијата нема објаснување зошто раководството одлучило во сите 35 разграноци да има избори, кога во половината веќе беа завршени пред третиот конгрес, кој се одржа во јуни годинава. Тогаш Ахмети и раководството се откажаа изборите да ги спроведат во сите разграноци за дополнително да не ескалира ситуацијата меѓу сопартијците, зашто паралелно се избираа и министрите во новата влада. Тогаш без раководства останаа разграноците во Струга, Сарај, Kуманово, Kичево, Гостивар…

– Изборот на претседателите на подразграноците и на разграноците треба да заврши до крајот на ноември. Нормално е да има внатрепартиска битка. Ако стасаме, четвртиoт конгрес, кој ќе биде тематски, треба да се одржи во декември или во јануари в година. На конгресот ќе се дефинираат стратегијата и платформата за дејствување на ДУИ во наредните 10 години. Но важно е дека освен што ќе ги утврдиме приоритетите на партијата, ќе утврдиме и чекори и рокови за нивно спроведување – вели висок функционер на ДУИ за Дневник.

Од ситуацијата на терен главните битки меѓу сопартијците ќе се водат во Струга, Тетово, Kичево, Сарај, Kуманово. Иако за прв функционер на Струга битката се води меѓу Рамиз Мерко и Арбен Лабеништа, според функционерот, нема да биде изненадување разгранокот да го предводи трето лице поради мир во партијата. Во Kуманово врие поради ривалството меѓу актуелниот претседател, Уљуси Беќири, и поранешниот командант на ОНА, Џемаил Реџепи. Жешко ќе биде и во Сарај, зашто Рафиз Алити не се откажува од кандидатурата, а Блерим Беџети сериозно атакува за тоа место. За прв човек на тетовскиот разгранок во битка се градоначалникот Хисен Џемаили и Орхан Рамадани, зад кој стои Хазби Лика. За Kичево се местат актуелниот претседател Шеваил Цека, но и возачот на Муса Џафери, Енвер Ивче.

Во ДПА информираат дека привршуваат со внатрепартиските избори и се надеваат оти Kонгресот ќе го одржат на почетокот од идната година. Сепак, додаваат дека одлуката кога ќе го одржат шестиот конгрес ќе зависи и од политичките случувања.

– Изборните собранија се завршени во повеќето разграноци, каде што се избрани и делегатите за конгресот и предлозите за членови на Централното собрание. Викендов треба да завршиме со целата процедура, по што ќе заседава Советот за подготовка на конгресот. Од разграноците на Тетово и на Kуманово доставија предлози Мендух Тачи повторно да биде избран за претседател на партијата – вели за Дневник функционер од ДПА.

Од партијата велат дека е бесмислено да го коментираат предлогот на Села да организираат еден конгрес и победникот да ја предводи партијата. Од ДПА велат дека секој член има право да избира и да биде избран за претседател, а Села не е член на партијата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top