Кадетен Шафхаузен и Кјелце ја имаа честа да ја отворат групната фаза од ракометната Лига на шампиони со натпреварот што го одиграа вчера во рамките од групата Б.
Кјелце важи за еден од најсериозните кандидати оваа сезона за пласман на завршниот турнир од годинашната Лига на шампиони.
Тимот на Талант Дујешебаев победи на премиерата на гостувањето против Кадетен Шафхаузен со 33-28.
Стартот им припадна на домаќините, но поради „тенката“ клупа во ротација имаа мал број играчи поради повредите кои ги затекнаа пред самиот почеток од групната фаза. Резултатска разлика која ја имаше домаќинот од три гола се стопи кон крајот на првото полувреме.
Најзабележителен во овој период од играта беше Хрватот Иван Чупиќ кој со неколку гола од контранапад го одржуваше својот тим на пристојна негатива.
Во првиот период одбраната на Кјелце не функционираше според планираното и немаше решение за расположениот лев бек Граубнер, кој со два гола и неколку точни додавања беше вистинско изненадување.
Во второто полувреме одбраната на Полјаците профункционира заедно со голманот Жмал, кој успеа да фати неколку тешки топки и ги поведе своите соиграчи кон првата победа оваа сезона.
Најефикасен кај теренот беше домашниот играч Мануел Линигер со седум гола, додека кај гостите Денис Бутниќ постигна шест, а Јурецки пет гола.
Останатите натпревари од првото коло од Лигата на шампионите се играт в сабота и в недела.
Македонските претставници Вардар и Металург своите натправари ги играат в сабота, односно недела.
Вардар гостува во Словенија против тимот на Целје и својот меч го игра в сабота од 20.30 часот, додека Металург в недела од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ги одмери силите со гигантот ПСЖ. Овој натпревар ЕХФ го прогласи за натпревар на колото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


