Македонскиот музичар и пејач Дарио, вечерва по девет години, првпат ќе настапува со својот оригинален бен „Миг 21“ во склоп на музичката програма на „Виноскоп 2014“. Дарио вели дека периодов интензивно секој ден се подготвувале за вечерашната свирка, која на посетителите ќе им понуди враќање во деведесетите.
– Интересно е повторно да се вратиш во тоа темпо на секојдневни проби, колку и тоа да е напорно – вели Дарио.
Натапот е замислен како ретро-концерт, на кој ќе се свират нивните најголеми хитови од деведесетите години.
– Иако ова не е наш концерт, туку настапуваме во склоп на „Виноскоп“ и луѓето ќе дојдат првенствено ради виното, комплимент и огромно задоволство ќе ми е ако некој дојде баш поради нас. Нормално дека сум позитивно возбуден, со оглед на тоа што одамна не сум настапувал пред скопјани и со нетрпение ја очекувам ноќта – вели Дарио за „Република“.
Дарио не ја исклучува можноста овој концерт да се повтори. Огромна е заинтересираноста за нивен нов настап, не само кај организаторите, туку особено кај публиката.
– Здравје Боже, со надополнат репертоар повторно ќе свириме, овојпат на наш, најверојатно новогодишен концерт – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


