| четврток, 6 декември 2018 |

Психоанализа на антиквизацијата 2

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Овој македонски новоизникнат модернизам е тешко прифатен од традиционалниот поствизантиски и ориенталистички културен менталитет на народот. Всушност, македонскиот народ и неговата чорбаџиска буржоазија се културно „превоспитувани“ по брза постапка: културата се централизира од владејачката партија, која создава институции од културата и културни стручњаци (по идеолошки терк), кои треба да водат културна политика во согласност со најновите културни текови во европската и во светската култура. Тој период на интензивно модернизирање и вестернизирање на македонската култура од времето на СФРЈ, кој се должи на историскиот раскин на Тито и на Сталин од народот е доживуван како неразбирлив, езотеричен, збунувачки, па дури и како иритантен.

Така одеднаш добивате неверојатен апсурд: една сосема анархична и револуционерна уметност да се спроведува од страна на државата преку нејзините институции, а традиционалниот европски „антиквизиран“ академизам да се доживува како контрареволуционерен и реакционерен, ретрограден и анти-народен стил и начин на размислување во творештвото. Набрзо најпарадигматичните творци во државата беа тие што најбрзо и најконсеквентно ќе ги преземеа и применеа најновите „естетски експерименти“ од западноевропската и од северноамериканската авангарда.

Модернизмот и македонската комунистичка елита станаа иманентни по сопствените естетички визии и по сопствените општествени позиции. Одеднаш добивате општество, во кое западноевропскиот и северноамериканскиот андерграунд и алтернатива стануваат култура за македонската комунистичка елита. Ваков апсурд е непознат и за најпарадоксалните холивудски пародии. Но во македонската култура, сè до падот на комунизмот, ова беше реалност. Секако дека сите овие вредности од Западот беа претходно афирмирани (пред сè, на самата западна сцена) во матичните култури, потоа рециклирани од југословенската „авангарда“, па анализирани и селектирани од институционалните стручњаци, па воспоставени како вредности, проверени и достојни за естетскиот вкус на елитата.

Колку да се види сосема помодарскиот карактер на културната диоптрија на политиката, или, пак, пенетрантноста на политичкото во сите општествени сфери, па и во културата, која го претставува (барем симболички) азилот на слободната мисла… Но, настрана од овој лакановски светоглед, македонската и југословенската модерна во себе ги содржат најинтересните и најкреативни уметнички дела во целиот балкански регион. Додека сите соседи, впрегнати во соц-реалистичкиот лагер тонеа во една анти-утописка „антиквизација“ на „идоли“, македонската (југословенската) авангарда создаваше една сосема синхронизирана креативна визија со другите прогресивни културни центри во светот. И сето ова, благодарејќи им на екстраординарните способности на уметниците од тоа време. Ова покажува дека, и кога политичката елита „глуми“ интерес за уметноста – уметничката продукција расте. Всушност, глумата со време преминува во вистински интерес и од оваа интензивна комуникација произлегува период на плодна и квалитетна креација.

Но овој квалитет им беше непознат и далечен на масите, кои ненаоѓајќи соодветни културни парадигми и интереси во институционалната (елитна) култура, сето ова време развиваа естетски култ кон еден застрашувачки аутистичен фолклор. Тој фолклор беше сеприсутен (фолклор на пивото и фудбалските мечеви)… А неговата нападна вулгарност создаваше квантуми грдотија, што ниту еден институционален проект не можеше да ги затскрие. Дури и во „ретардираните“ култури од Варшавскиот блок немаше вакви потопи од шунд.

Претпоставувам дека ваквата „раздвоеност“ на „културата“ на „елитата“ и на „плебсот“ се должи на отсуството на академските – препознатливи вредности, кои би ја заинтересирале толпата и која барем делумно би ја привлекле кон институциите на културата.

Дури и кога ќе направите анализа на поранешнојугословенската културна стратиграфија, ќе видите дека колку во една култура (како културна зона) имало подолг период на „антиквизација“ (во Словенија, Хрватска), толку псевдо-фолклоризмот помалку доминираше, а авангардните сфаќања беа многу повлијателни. Од друга страна, пак, изворниот фолклор и древните уметнички вештини и знаења беа брутално потиснати од оваа неофолклористичка „псевдокултура“. И така, во оваа и по хоризонтала и по вертикала дисконектирана култура, почнаа да се случуваат најчудните шизофрени процеси, кои понекогаш даваа неверојатно инвентивни и зачудни резултати.

Во оваа зона на културен хаос почна да се создава и еден автентичен андерграунд – носител на сите алтернативни културни промени во последните неколку децении од постоењето на СФРЈ. Тоа беше појавата на постмодерната на ова подрачје, а оваа култура се создаде во опозиција на институционалната (елитна) култура. Но постмодерната беше уште „пострашна“ и понеразбирлива за масите. По распадот на СФРЈ културните процеси ги зафати воена психоза. Културните институции, дотогаш стимулирани од елитата, сега почнаа да пропаѓаат, следејќи ја пропаста на истата политичка елита што ги поддржуваше.

Одеднаш на политичката сцена почнаа да се појавуваат политички партии со популистичка стратегија за привлекување на масите. Оваа борба за гласачи го симплифицираше политичкиот говор и културата, а во обид партиите да им се приближат на масите, новите политички елити ретардираат во својот естетски вкус, до нивото на новокомпонираниот псевдо-фолклорен шунд. Така културата во Македонија ги доживува своите најдраматични и најхаотични периоди во последните половина век.

Гледано од дистанца, овој навидум хаос, е всушност мачен емпириски процес на приближување на културниот дискурс на новите политички елити со тој на народните маси. Отпрвин анархичен, заканувачки и ентрописки, овој процес на хармонизација меѓу волјата на масите и на политичките елити почна да добива форма на кооперативност, посебно на ниво на десницата, која сè уште во себе ја немаше онаа елитистичка и рафинирана визија за културата како авангарда (од „западно“ потекло).

И тука почнува антиквизацијата во Македонија. За првпат политичката елита и широките народни маси имаат идентични културни преференции и визија. Кај масите тоа е порив по „препознатливост“ и себереализација во митолошките сфери. За политичките елити тоа е одбележување на моќта и брендирање на националниот идентитет. Оваа антиквизација е, всушност, потсвесна желба на една култура (македонската) да го компензира културниот израз, кој го нема. Да го надополни тој толку значаен период од европската уметност, во која се создаваше круцијалниот вредносен систем на европската цивилизација – таква каква што ја познаваме во последните неколку века и која стана неодминлива културна парадигма на општо – светско ниво. Без оглед на анахроноста на процесот на антиквизацијата, таа станува актуелна со правото на глас на граѓаните.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top