| четврток, 6 декември 2018 |

Наве Веспучи!

Будимка Поповска

Будимка Поповска

 

Државната химна во некогашна Југославија почнуваше со зборовите „Еј, Словени…“, а „Наве Веспучи“ е маршот посветен на едрилицата што ѝ припаѓа на италијанската воена морнарица, што го носи името на морепловецот од 14 век, Америго Веспучи, по чие име се нарекуваат денешните соединети држави за кои на стариот континент долго време се мислело дека се Индија…

 

И пак на почетокот Епиктет: човек не го вознемирува она што се случува, туку она што мисли дека се случува…

Дали е лесно да се долови разликата меѓу Словени и Словенци, преведено на англиски? Можеби се работи само за лош превод? Или задоцнет сарказам, или лапсус на службата за безбедност?

Кога одев во основно училиште, учев во мултиетничка паралелка. Ми беше лесно да разберам дека Турците, Албанците и Ромите не се Македонци. Но, бидејќи живеат во држава која се вика Македонија, нивното државјанство може да биде македонско.

Албанците имаат матична држава. Ромите немаат. И Власите немаат. Всушност, тоа се најинтересните народи бидејќи сите држави можат да бидат, па и се – нивна „матична“ држава. Настрана шегата дека за нив ова е поевтина варијанта. За нас е толку скапа, што немаме друга варијанта. Единствена е.

Кога дивееше балканската војна при распадот на СФРЈ, некои видни личности во егзил бараа македонски пасош сакајќи да ги искористат придобивките на мирот на тогашната „оаза“ којашто стана популарна затоа што со челични нерви и гандиевска толеранција дозволи тенковите и топовите во мир да ги напуштат касарните.

Во Македонија има премногу мешани бракови за да може да важи правилото дека непријателот на твојот непријател е мој пријател. Обично тие стануваат сватови, кумови, девери или побратими. Во најлош случај јатрви.

Тука одамна се работело на хибриден ген на општа мирољубивост. Велат дека тоа е кармичка вратка од времето на Александар. Денес непријателот на твојот непријател има матна фаца и избришани таблички на гугл вју (google view). И името на улицата што ја впишува во својот позиционен навигациски систем се менува со зачестеност што ги надминува неговите дактилографски способности. Не можеш лесно да му го откриеш идентитетот, но ако во портфолиото му пишува Пентагон или тркалезна соба, не мора да значи дека е alien со тапија. Во Македонија и вонземјаните се повеќе добредојдени отколку на нивните матични планети. Има нешто во тој лорандит. Сонцето им удира во глава на сите, без оглед дали се sun gazers или случајни жртви на сончаница.

Што ќе се случеше Александар да имаше ГПС, дали тоа значително ќе му ги олеснеше походите? Или Ханибал полесно ќе дојдеше пред вратата на Рим да не мораше да ги влечка кутрите слонови преку брда и долини? Или Колумбо веднаш ќе сфатеше дека Америка не е Индија?

Историјата го смета Колумбо за Италијанец. Но оф рекорд, за него има нагаѓања дека има подеднакво грчко, еврејско, кастелијанско, португалско и, се разбира, шпанско потекло.

Има теории дека во единаесеттиот век први што допловиле до брегот на новиот континент биле викинзи од северна Европа, коишто ја основале населбата во близина на L҆Anse aux Meadows.

Со или без ГПС, тоа ти е.

Македонија и натаму останува примамлива дестинација за авантуристите во пензија. Да не заборавиме дека живееме во земја со најмногу вода за пиење и најчист кислород по глава на жител. Тие сакаат да ја заборавиме раскошната убавина на местово каде што живееме со тоа што ќе го пренасочат нашето внимание кон некакви граматички флоскули. Но, самите забораваат дека ова е земја на Сонцето. Itself.

Во неа, важно е да бидеш Човек. Во мир со себе.

Најпрво во мир со себе. Потоа го имаш моделот како да бидеш во мир со сите.

Има ли нешто поважно за една ОАЗА?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top