| четврток, 6 декември 2018 |

Марината во Охрид ќе се гради меѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“

Марината во Охрид ќе се гради меѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“.

– За да се претпостави влез на приватен партнер во градба на ваква марина треба и да се обезбеди земјиште, односно локација којашто ќе му овозможи на приватниот партнер да гради придружни објекти крај марината со што тој би ја повратил вложената инвестиција. Со оглед на тоа што во моментов ваква локација во централното градско подрачје тешко може да се најде, одлучивме марината да се гради на просторот меѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“  објасни градоначалникот Бакрачески.

Просторот  во моментов е  неурбанизирано подрачје кое се наоѓа блиску до центарот на градот и како такво не е доволно искористено за потребите на туризмот . Во овој дел  имаше една зона во која требаше да се ревитализира Студенчишкото Блато, кое за жал во изминативе 35-40 години е целосно уништено и не  е останато ништо што би наликувало на еден одржлив  екосистем .

– Како и да е, ние со измените во генералниот урбанистички план што ги правиме, сепак, оставаме и најмала можност, доколку експертите кажат дека има можност и има финансиски средства за ревитализација на дел од тоа Студенчишко Блато, да одредиме локација којашто би била заштитена зона, во согласност со постојната законска регулатив која што е пропишана од Министерството за екологија – потенцира Бакрачески.

Просторот  каде се планира  да се гради марината  ќе се прогласи  за туристичка развојна зона.  Таа ќе биде значајна за развој на туризмот, посочи градоначалникот и укажа на неколку можности во поглед на изгледот на овој дел од градов  кои во моментов се само на степен на идеја.

-Тука би можело да се вклопат хотелско угостителски објекти, луксузни резиденцијални објекти, еко луксузна населба во смисла на домување со изградба на систем на канали и езерца кои што се нешто невидено барем на овие простори, додаде Бакрачески и посочи дека пред што и да се направи во поглед на уредувањето на просторот  ќе се побараат мислења од експерти по екологија, архитектура и градежништво .

Општина Охрид веќе објави јавен оглас за изработка на идејно решение за целиот тој потег почнувајќи од Студенчишкиот канал па се до  каналот Рача во кој што се јавија два субјекти кои изработија идејни решенија  од кои што можеме да изведеме појдовна точка како би изгледал идниот простор во површина од околу 30 хектари кој што е потполно неизграден и неуреден. Овие  идејни решенија се добра основа да се осмисли добра стратегија за изградба на тој простор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top