Францускиот првак Пари Сен-Жермен во одлично расположение го чека дербито од првото коло во Лигата на шампионите против нашиот првак Металург, а победата од 35-19 против Сесон вчера потврди дека „светците“ имаат екстра-квалитетен состав во новата сезона.
Особено впечатлив настап имаше одличниот Данец Микел Хансен со 8 погодоци од исто толку обиди, а се истакнаа и Абало со 5 гола и Онрубија со 4 прецизни удари.
Одлично бранеа и тројцата голмани Омејер, Робин и Аноне, што е добар знак за богатиот тим од Париз. Сепак, натпреварите во Лигата на шампионите се со посебен шмек, што се потврди и лани кога најскапиот тим на планетата ПСЖ загуби во Скопје од Металург, иако и тогаш беше фаворит, како впрочем и сега пред стартот на дербито во првата рунда од ЛШ.
Натпреварот ќе се игра во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, в недела од 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


