Францускиот првак Пари Сен Жермен ќе допатува во Скопје на мегдан со Металург без триото бекови Бојиновиќ, Гојун и Барашет во меч од првото коло во Лигата на шампионите. Тие се повредени и нема да настапат и вечерва во француското првенство против Сесон, а многу мали се шансите да настапат за „светците“ против македонскиот првак.
Во двата меча лани меѓу двата клуба во фазата по групи, Бојиновиќ постигна вкупно 6 гола, а Гојун настапи само на дуелот во Париз и постигна три погодоци. Барашет сезонава пристигна во редовите на ПСЖ од Сан Рафаел и ќе има можност да дебитира во најсилното клупско натпреварување во Европа, но најверојатно за такво нешто ќе почека најмалку до втората рунда и натпреварот со Прво планинарско друштво Загреб.
Пресметката меѓу Металург и ПСЖ е прогласена за дерби на првата рунда во ЛШ, а ќе се игра во недела од 19 часот во салата „Борис Трајковски“. Домаќинот ќе мора да најде чаре да се справи со моќниот ПСЖ без услугите на Ренато Вугринец, кој е суспендиран на еден меч поради црвен картон од минатата сезона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


