| четврток, 6 декември 2018 |

Фотографии од Дејан Крајчевски изложени во Германија

unnamed

Во Универзитетската библиотека во Бохум, Германија, во тек е изложба на триесет и пет фотографии од Дејан Крајчевски, филмски професионалец и член на Друштвото на филмски професионалци на Македонија. Фотографиите се од повеќе места низ Македонија настанати при бирање на локации за снимање долгометражни и краткометражни филмови.

vidi nebo

– Кога сум во потрага по локации за снимање на сцени од некој филм, не можам а да не бидам восхитен од убавината што ме опкружува, па дури и трогнат од интересните појави и пејзажи на мојата земја. Често сосем сам и на ретко посетени места, многу пати сум бил едноставно обземен од она што се простирало пред мене. Преку фотографиите, се обидувам да го фатам она што ми се чини момент на посебност –  вели Крајчевски.

selo

Во најавата за изложбата, на веб страницата на Библиотеката, се вели: „Со оваа изложба на фотографии сакаме да доближиме дел од природните убавини и културното наследство од Република Македонија, мала континентална земја во јужниот дел на Европа… Македонија е позната по своите прекрасни планински села, природни езера, реки. Исто така, Македонија е вистинско богатство на културно наследство од Палеолитикот па сè до денес. Богата е со археолошки локалитети – храмови, базилики, амфитеатри, бањи, мозаици, антички и ранохристијански скулптури, тврдини, цркви, манастири и отомански џамии, фрески и бесценети икони од средновековниот период, најголемиот дел од нив со големо уметничко значење.“

Дејан Крајчевски веќе петнаесет години е дел од македонската филмска фела, и учествувал во снимањето на повеќе од дваесет долгометражни и краткометражни филмови, телевизиски серии и бројни реклами како организатор, менаџер на локации и продуцент. Во моментов е на студии по продукција на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Изложбата ќе биде отворена до 10 октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top