„Англискиот изборен закон и целиот систем воопшто е скроен да ја покрива Велика Британија, па дури и тогаш кога пред очите на светската јавност манипулира со гласовите и гласачките ливчиња – како што се случи во Шкотска“. Во овој контекст размислуваат Александар Даштевски, поранешен член на ДИK, Александар Новаковски и Никола Рилковски, поранешен и сегашен претседател на ДИK, запрашани од Дневник за впечатокот по завршувањето на референдумот на 18 септември.
Се сложуваат дека ситуацијата е прилично дискутабилна. Од една страна, постои перцепција дека Шкотска, односно Велика Британија, е меѓу лидерите во светот во однос на почитувањето на човековите права и зрела демократија, а од друга, референдумот покажа дека и таму има законски пропусти, што се плодна почва за изборни манипулации. Некои од поупатените Шкотланѓани од Глазгов за „Дневник“ коментираат дека броењето на гласовите речиси никој не го контролира, ниту се обележува кој кога гласал. Сомнежи предизвикува и начинот на транспорт на гласачките кутии, во комбиња, и тоа повеќе кутии, но и многу други пропусти за време на денот на гласањето.
– Очигледно е дека во Шкотска се случи големо местење за што, се разбира, дека и тешко ќе се обезбедат докази. Впрочем, сето ова го заклучуваме врз основа на неколку видеа што кружат на социјалните мрежи, каде што е видлива измамата. Kлучниот момент тука е што нема да може да се направи ревизија на референдумското гласање. Едноставно, така се поставени работите. Системот во Англија, веројатно, е скроен да не може да се докаже или одговара за направена политичка измама на референдумот, а Шкотска беше само плодна почва. Затоа што луѓето во земјите како неа имаат доверба во системот и не веруваат дека можат да се измамени – вели поранешниот член на ДИK, Александар Даштевски.
Според него, последното е и причина што земјата нема потреба да ангажира набљудувачки мисии однадвор, како ОБСЕ или ОДИХР.
– Ама да не заборавиме дека политиката тука одигра најзначајна улога оти на Западот не му одговараше Шкотска да се одвои од Англија, особено не на САД. А и самата Британија ако знаеше дека референдумот ќе помине во корист на Шкотска, немаше ниту да го дозволи – нагласува Даштевски.
Слично размислува и поранешниот претседател на ДИK, Александар Новаковски. На прашањето дали тој доколку би бил релевантен, би го потпишал шкотскиот референдум како легален, вели оти не може да се одговори со да или не, не во овој момент. Но доколку се докаже дека имало манипулации, се разбира.
– Токму во тоа е поентата. Во докажувањето. Јас се сомневам дека воопшто засегнатите страни ќе поднесат жалби за конкретни избирачки места. Шкотланѓаните не мислат дека тоа ним може да им се случи. Балканот го сметаат како заостанат и недемократски, а пропустите во изборниот процес зборуваат дека кај нив ги има истите проблеми, дури и повеќе отколку кај нас. Јас лично во тоа се уверив кога бев во набљудувачка мисија преку една англиска невладина организација во Лондон кога беше избран Дејвид Kамерон. Таму гласањето завршува во 22 часот и тогаш на гласачкото место, каде што бев, вратите им беа затворени пред нос на уште 1.000 гласачи, кои останаа пред вратата. Зарем не е тоа кршење на правото на глас – вели Новаковски. Според него, уште една важна димензија, која заслужува дискусија, е политизираноста на процесот кај нас и тоа што луѓето немаат доверба во изборите, ниту во институциите.
И за актуелниот претседател на ДИK, Никола Рилковски, е изненадувачки и интересно е да се анализира колку релаксирачки с` се одвива во Шкотска. За него се просто незамисливи шкотското пребројување на ливчињата и начинот на гласање дотолку повеќе ако се спореди со тоа како од Македонија се бара да има стегнати законски норми и силен мониторинг.
– Убеден сум дека сето ова е законски поткрепено, значи дека с` што се случува е предвидено со законски регулативи. Искрено, не знам како да се објасни релаксираноста со која нештата се одвиваат, ама ние сме далеку од тие начини на функционирање и гласање. За мене е несфатливо да нема соодветен мониторинг и обележување на оние што гласале, а да не зборувам за броењето. Па тоа, ако треба, се повторува и трипати пред очите на сите засегнати страни, набљудувачи и партиски претставници – завршува Рилковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Да гласаме за нашите: Македонската судиска двојка номинирана за најдобра во светот
-
Огромен пад на гласачите во дијаспората: За референдум се регистрирале 3 проценти од гласачите, а од нив помалку од 1.000 луѓе гласале
-
Пандов: На избирачко место им ги снимавте личните карти и ги објавувавте или тие се од Пустец и не се луѓе?
-
Заврши гласањето во Австралија – излезноста е 7,73%


