| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот Тодоров во работна посета на Шпанија, оствари повеќе средби

Министерот за здравство Никола Тодоров, престојуваше во дводневна работна посета на Шпанија, во рамки на која оствари средби со менаџерите на Универзитетската општа болница во Валенсија, Универзитетската болница на Рибера во Алсира, како и Офталмолошката Фондација на Медитеранот, која е интегрирана во системот на фондацијата за развој на здравствените и биомедицински истражувања на заедницата на Валенсија – ФИСАБИО.

500todorovunnamed

Во Универзитетската општа болница во Валенсија, Тодоров разговараше со генералниот директор на Конзорциумот на Општата болница во Валенсија и Ампаро Мора Кастелја, член за општествена добросостојба и здравје на Конзорциумот и доцент за биомедицинско истражување и развој на здравствените науки Серхио Бласко Переперез.

На средбата беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за здравство и оваа реномирана здравствена установа. Меморандумот предвидува соработка од аспект на едукација на медицински персонал и останати здравствени работници, заедничко учество во истражувачки проекти, вклучувајќи и соработка во проекти за меѓународна помош преку Фондацијата за истражување и Министерството за здравство на РМ, како и заемна размена на информации и заеднички придонес кон унапредување на функционирањето на институциите преку техниките за здравствен менаџмент, информираат од кабинетот на министерот.

500riunnamed

Тодоров се сретна и со советникот за здравство на Автономната заедница на Валенсија, Мануел Љомбарт Фуертес, како и со претседателот на Кралската академија за медицина на Заедницата на Валенсија, Антонио Љомбарт Бош, со кого е договорено потпишување на спогодба за научно-истражувачка работа. Воедно, претседателот на Кралската академија за медицина упати покана до министерот Тодоров да го презентира здравствениот систем на Република Македонија пред сите членови на оваа академија.

За време на посетата на Универзитетската болница на Рибера, во Алсира, Тодоров се сретна со управителот на болницата, Мануел Марин. На средбата беа разгледани можностите за едукација на македонски здравствени работници во повеќе области, меѓу кои и во областа на проучување на системот на менаџирање со болницата, имајќи предвид дека станува збор за исклучително рационален модел кој овозможува големи заштеди за здравствениот фонд на државата.

Универзитетската болница на Рибера е здравствена установа организирана по принципот на јавно-приватно партнерство, која обезбедува здравствени услуги за речиси 250.000 жители. Оваа болница претставува референтна болница во регионот, особено откако била проучувана во рамки на изготвувањето на здравствената програма на САД.

500vvvvunnamed

Министерот Тодоров ја посети и Офталмолошката фондација на медитеранот, која е интегрирана во системот на Фондацијата за развој на здравствените и биомедицински истражувања на заедницата на Валенсија – ФИСАБИО.

На средбата беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за здравство и директорот на ФИСАБИО, со кој се предвидува организирање на обуки и едукации за доктори-специјалисти, медицински сестри, РТГ-техничари и други здравствени работници од Република Македонија во рамки на Офталмошката фондација. Исто така, со Меморандумот се предвидува и активно вклучување на македонски здравствени работници како волонтери во рамки на научни и истражувачки проекти кои ги спроведува оваа фондација, како и нивно вклучување како автори на релевантни медицински статии и публикации. Воедно, со овој Меморандум ќе се овозможи експерти од фондацијата да спроведуваат обуки во релевантни медицински центри во Република Македонија.

За време на работната посета на Шпанија, пред повеќе претставници од здравствениот сектор беше презентиран концептот на слободни здравствени зони, како и можностите и придобивките од инвестирање во нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top