| четврток, 6 декември 2018 |

„Нон пејпер“ од Шпанија: Стоп за влегувањето на Косово во ЕУ, тие не се дел од проширувањето

Само една недела пред усвојувањето на Стратегијата за проширување на Европска унија кон земјите од Западен Балкан, Шпанија ги доведе под знак прашалник не само стратегијата туку и целиот процес. Всушност Мадрид се спротиставува на вклучување на Косово во кој било процес што имплицира дека Косово се третира како држава, објави „Коха диторе“.

Шпанија достави „нон пејпер“ во кој се спротиставува на употреба на терминот „ЗБ6“ (WB6), што е кратенка за шестте земји од Западен Балкан, и потенцира дека „Косово не е дел од проширувањето“.

– Ако се земат во предвид забелешките од Шпанија тогаш Стратегијата за проширување на ЕУ наместо поддршка ги гасне надежите за доверба во процесот на проширување на ЕУ. Во дипломатските кругови се наведува дека Шпанија мисли да се спротистави и на учеството на Косово во Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Софија, наведува „Коха диторе“.

Весникот констатира дека таквиот пристап на Шпанија е резултат на внатрешни проблеми со кои се соочува и е спротивно на се што досега се зборуваше за европските интегративни процеси. Шпанија оценува дека проширувањето не треба да се смета како директно средство за решавање на политичките проблеми во регионот на Западен Балкан.

– Треба да се случи спротивното, неопходно е претходно да се надминат овие судири за да се овозможи процесот на проширување, истакнуваат шпански претставници.

Во писмото се апелира претставниците на Косово да ги унапредат стандардите кои се зацртани во Договорот за стабилизација и асоцијација и се сугерира да продолжи дијалогот помеѓу Приштина и Белград.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top