
На железничката станица во Драчево денеска почна снимањето на „Три дена во септември“ – дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски, кој заедно со Игор Иванов го напиша сценариото.

Продуцент на филмот е „Скопје филм студио“. Главните ликови во филмот ги толкуваат Камка Тоциновски (Марика) и Ирена Ристиќ (Јана). Директор на фотографија е Димо Попов, сценограф е Снежена Поњанич-Муча, костимограф Емилија Ивановска-Атанасовска, а музиката е на Александар Пејовски. Покрај Тоциновски и Ристиќ, во актерската екипа се и: Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи.

Даријан Пејовски
– Ова е филм кој се базира на карактери, а не врз некоја голема идеја или некоја комплицирана драматургија. Две комплетно различни жени во еден момент се заробени во еден простор и единствен начин да излезат од таму е да си помогнат една на друга – вели режисерот.
Денеска се снимаше сцената во која двата главни лика, Јана и Марика, се запознаваат во купе во воз и по оваа сцена Марика решава да ѝ се придружи на Јана во нејзината планинска куќа.

Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски
– Марика е проститутка, а Јана е една затворена конзервативна жена и во еден момент нивните судбини се вкрстуваат и овие два тотално различни жени се приморани да си помогнат една на друга. Жанровски филмот може да се смести во трилер, базиран на карактери, а не на акции. Отсекогаш ме интересирале силни женски ликови – вели Пејовски.
Снимањето ќе трае 20 дена, а филмот треба да биде готов напролет, ако е сѐ како што треба. Снимањето е во три дела.

Томи Салковски
– Вчера на автопатот до српска граница ја снимивме последната сцена. Вагонот во кој сега снимаме го „закачуваме“ и после до движење снимаме до Битола. Отаму ќе снимаме во Преспа, кај хотелот „Европа“, кој сега е стар и руиниран, а потоа се селиме на другата страна во Брајчино, па во паркот Јасен каде што добивме специјална дозвола за снимање благодарение на Министерството за одбрана. Во Скопје е завршното снимање – објаснува продуцентот Томи Салковски.
Тој вели дека иако филмот се снима за 20 дена, тие ќе се потрудат да направат да не изгледа дека е сниман за толку кратко време.

– Такво е и сценариото, кое не бара да се градат посебни зданија, згради и слично. Не трошиме пари за конструкција на ентериери, Затоа одлучивме еден дел од парите да ги потрошиме на шетање низ Македонија да побараме локации за да добиеме поголема автентичност во однос на тоа што го бара сценариото, а да не трошиме пари во изградба. Тоа го сведовме на минимум – вели Салковски.
„Три дена во септември“ треба да е филм на актери, каде што во прв план треба да дојде до израз играта на актерите и умешноста на режисерот. Главната тема во филмот е одмазда.
– Знаевме дека целата енергија моравме да ја внесеме во изработка на сценариото, напишавме многу верзии, работевме со скрип-доктори, ги коригиравме сите недостаттоци, сакавме да биде разбирливо и максимално восприемливо од западната Европа. Сакавме да биде универзално и да не биде затворено и разбирливо само за Македонија и за овие балкански простори – смета продуцентот.

Тој смета дека со овој филм треба да почне едно друго време во македонскиот филм.
– Јас не сум тип што почитува многу историски филмови или „костимирани“ филмоти. Не сакам да гледам такви филмови, ниту пак да правам. Ова е ново време на филмот. После 100 години филмот пак се сведе на првобитното, на односите меѓу луѓето. Мислам дека може многу да понудиме. Мислам дека новите генерации режисери треба да дадат нова свежина во македонската кинематографија и тие покажаа дека може да размислуваат поинаку – вели Салковски.

Иако е сѐ уште рано да се зборува, Салковски има големи очекувања за овој филм и му предвидува светла иднина и учество на европски и светски фестивали.
– Ова не е комерцијален филм, но се надевам дека ќе има дистрибуција и по телевезии и мислам дека публиката ќе го сака – заврши Салковски.

фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


