Македонија е земја во фокус на Меѓународниот филмски фестивал ФЕБИОФЕСТ, кој е во тек и ќе трае до 25 март во Прага. Во рамките на програмата „Фокус на македонскиот филм“ ќе бидат прикажани осум македонски долгометражни играни филмови, соопшти Агенцијата за филм на РМ.
Дел од фестивалската програма се филмови на режисерот Столе Попов, односно неговото најново остварување „До балчак“ и дигитално реставрираните филмови „Тетовирање“ и „Џипси Меџик“, кои се дел од проектот за дигитална реставрација на целокупниот филмски опус на Столе Попов, реализиран од Кинотеката на Македонија во 2011 година.
Во „Фокус на македонскиот филм“ ќе бидат прикажани и „Медена ноќ“, „90 минути – Берлин проект“ и „Големата вода“ во режија на Иво Трајков, како и најновиот филм на Светозар Ристовски „Лазар“ и дебитантското остварување на Даријан Пејовски „Три дена во септември“.
За значењето на филмските остварувања на режисерите Столе Попов и Иво Трајков, како и за развојот на македонската кинематографија, денес е организирана и прес-конференција посветена на македонската кинематографија во присуство на Столе Попов и Иво Трајков. Тие исто така ќе имаат и средби со публиката за отворена дискусија и прашања по проекциите на нивните филмови.
Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска-Илиевска ќе учествува на панел-дискусија на тема „Копродукции“, која е организирана во рамки на ФЕБИОФЕСТ.
– Панел-дискусијата е посветена на копродукциите, односно различните пристапи кон филмската индустрија, правилата, можностите и начините за добивање финансиска поддршка, улогата и значењето на копродукциите како и позитивните и негативните страни на меѓународните копродукции – соопшти Агенцијата за филм.
Директорката Ѓоргоска-Илиевска за време на престојот во Прага ќе оствари средби и со афирмирани продуцентски куќи, како и со претставници на ФАМУ во интерес на унапредување на филмската дејност во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.