Шкотската комисија што вршеше пребројување на гласовите по референдумот во Шкотска, ги соопшти конечните резултати од вчерашното гласање.
Вкупно два милиона луѓе со право на глас се определиле за останување на земјата во Велика Британија и против отцепување, што претставува 55 проценти од гласовите.
За независност на Шкотска гласале 1,6 милион гласачи или 45 проценти од Шкотланѓаните.
Одѕивот на гласањето е исклучително висок за шкотските и за британските услови и изнесува 84,5 проценти, што претставува рекорд за гласањето во демократски држави.
Последните глсачки ливчиња пристигнаа од далечните изборни единици во шкотскиот Хајленд, каде што, исто така, мнозинството од луѓето се определи против независноста, за која агитираа сепаратистите, предводени од вледејачката шкотска национална партија (СНП) и нејзниниот лидер, првиот министер Алекс Салмонд.
Од вкупно 32 региони, само во четири гласачите ја поддржаа независноста.
Еден од тие региони е Глазгов, најголемиот шкотски град, но против отцепувањето беа гласачите во главниот град Единбург и во центарот на нафтената индустрија Абердин.
Крајниот исход од референдумот претставува изненадување затоа што сите претходни прогнози и мерења на расположението на гласачите навестуваа „мртва трка“ до крајот и сосема неизвесен резултат при гласањето.
Непосредно пред завршувањето на кампањата неколку угледни агенции предвидуваа победа на кампањата „Заедно е подобро“ со 52 проценти, наспроти 48 проценти што се очекуваше дека ќе ги освојат сепаратистите.
Веднаш по почнувањето на пребројувањето на гласовите, агенцијата „Југав“ прогнозираше поубедлива победа на унионистите, предвидувајќи дека тие ќе освојат 54 отсто од гласовите, наспроти 46 за сепаратистите, но таквите предвидувања беа брзо отфрлени во Глазгов и во Единбург, како „премногу оптимистички“ за противниците на независноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.