Петти март веројатно е еден од најлошите, но и најсреќни денови во животот на Зоран Ацковски, стјуардот што ја преживеа несреќата на „фокерот“ на „Палер Македонија“, што се случи пред дваесет години. Денес, по две децении, Зоран вели:
– Петти март со моето семејство веќе 20 години го одбележуваме како ден кога сум поминал низ едно големо искушение и како ден за почит кон сите колеги и патници што не ја преживеаја несреќата. Секое преживување пад на авион е чудо.
Иако не сака многу да зборува за тоа мартовско утро, нашата упорност да го најдеме и да поразговараме со човекот што имаше среќа во несреќа даде плод. Поинаку гледа на животот. Го слави животот секојдневно. Му се радува на секој нов ден…
До кобниот ден имал повеќе од 100 лета или 400 часа лет. И денес на тој период од животот гледа како на едно прекрасно искуство за млад човек.
– Мојата приказна со летањето започна во 1992 година. Се вработив како член на помошен летачки персонал,односно стјуард во првата македонска авиокомпанија „Палер“. Во сета таа криза и блокади имавме можност да комуницираме со „нормалниот дел од Европа“, што ме држеше во надеж дека еден ден и во нашата млада држава ќе имаме можност да уживаме во истите придобивки. Палер многу брзо ја обнови својата флота со нови авиони од типот „фокер 100“ и, навистина, беше престиж да работиме на тие авиони. Многу подобри летала од тие што ги имавме претходно – руски „топољев 154“ – се присетува Ацковски на своите почетоци.
5 март 1993 година
– Денот беше најобичен ден за работа. Го имавме вториот лет за Цирих, полетувавме во 12.00 часот. Немавме направено повеќе од 30 летови со тој авион. Беше нов. Го добивме во февруари. Иако температурата беше повисока од нулата, паѓаше снег. Ние како екипаж ги завршивме сите неопходни подготовки за полетување и сѐ се одвиваше во нормален ред до моментот на полетување – раскажува стјуардот, кој и денес работи во авиокомпанија.
Сосема случајно, според распоредот му се погодило да седи во задниот дел од леталото. Вели нема правило дека си побезбеден во задниот дел од авионот. Можеби, задниот дел амортизира, но тоа не значи ништо.
– Авионот земаше необично долг залет пред да се одлепи од земјата. Јас и тој момент го протолкував како нормален, но во моментот кога авионот се одлепи од пистата, настана силна вибрација во кабината. Знаевме дека нешто не е во ред. Настана и мала паника меѓу патниците. Викнав „Мир, мир“. Не знам дали тоа беше повеќе за да се смирам себеси или очекував да се смират… Ми се чинеше дека трае долго. Потоа, по несреќата видов дека се работи за само шест секунди. Авионот се навали екстремно на левата страна, ја допре земјата со крилото и настана експлозија. Следуваше пожар. Во леталото имаше најмалку шест-седум тони гориво. Го гледав огнот како доаѓа кон мене… Таа слика не се заборава. Пламенот беше до мене. Среќа што останав свесен. Огнот се повлече, веројатно во моментот кога настана тресокот огнот, на некој начин, се повлече. Но, имаше чад насекаде. Веројатно ќе се задушев во тој чад. Моментот кога се смири, иако бев во неприродна положба, успеав да го одврзам сигурносниот појас. Опашката на авионот беше одвоена од трупот, имаше простор за да излезам надвор од авионот што гореше. Немаше многу за спасување. Имаше неколкумина наоколу што беа живи. Им помогнав. Немаше многу што да се направи… тоа беше огромен оган – вели еден од четиринаесетте преживеани во несреќата, кој не сака да зборува за детали од несреќата и за страшната слика што ја видел, пред сѐ, поради семејствата на тие што не го преживеаја падот на авионот.
Тој е единствениот Македонец преживеан во несреќата. Дел од преживеаните патници биле од Косово, дел од Србија и германски полицајци, кои еден ден претходно донеле притвореник. Стјуардот не знае од каде ја добил силата да се спротивстави на тоа што се случувало пред неговите очи:
– Во моментот кога се случува такво нешто, прво што помислувате е дека не го прифаќате како факт тоа што ви се случува. Втора помисла во моментот кога кабината од авионот се наполни со оган беше дека имам сила да му се спротивставам дури и на огнот што ја проголта цела кабина. Верувајте дека тоа не е сила што ја има човек во нормални ситуации, туку како некој притаен штит што излегува од телото и ве заштитува во моментот кога сте свесен дека до вас горат и експлодираат неколку тони керозин и сте во авион што целосно е уништен.
Помошта пристигнала многу брзо. Стигнале екипи на АРМ, како и хеликоптер на УНПРЕДЕП -посматрачка мисија на ОН. Зоран не бил повреден. Се помислил дали да се качи во хеликоптерот, но чувствувал обврска кон семејството, кое, сигурно, било во паника:
– Од авионот излегов неповреден и веднаш, со хеликоптер, бев пренесен во Воена болница. Не беше баш пријатно чувството да се качиш во хеликоптер веднаш по преживеана авионска несреќа, но потребата да стигнам до телефон и да им се јавам на моите блиски дека сум здрав и жив беше посилна од сѐ. Брзав да стигнам. Не стигнав да му се јавам прв на татко ми. Тој беше вработен во МВР и за несреќата дознал претходно. Знаеше дека сум жив. Потоа дознав дека додека сум летал на сите претходни летови, тие не можеле да заспијат додека не дојдам дома. Решив да не летам веќе, заедничка ни беше одлуката.
Ме спаси св. Наум Охридски
Зоран решил да биде стјуард по враќањето од војска. Во време на транзиција, било тешко да се преживее. Видел конкурс, се пријавил, а истовремено се запишал и на факултет. И покрај стресот што го доживеал од оваа професија не жали што станал стјуард. Немал никакви здравствени проблеми по несреќата. Кога го однеле во Воената болница, веднаш му било измерено нивото на шеќер во крвта. Сѐ било нормално. Докторите биле изненадени бидејќи во вакви ситуации нивото на шеќер се покачувало. Немал проблеми ни подоцна:
– Се манифестираат некои слики, но не од тоа што се случи таму. Имав некој кошмар потоа. Но, немам страв од летање. Не може секој да работи како стјуард. Во секој случај си во неприродна средина. Но, за мене тоа беше природна средина и сѐ уште за мене авионот е природна средина. Разликата е сега што летам со мојата ќерка. Сега е поинакво чувството, можеби имам мал страв.
Неговата ќерка има девет години. Не знае премногу за несреќата. Зоран не сака да ѝ раскажува за да не ѝ влее страв од летање. Патуваат често. Не сака да дојде во ситуација да не сака да се качи во авион.
И ден денес смета дека го спасил св. Наум Охридски. Вели, не може да го третира како суеверие тоа што 24 часа пред несреќата од црквата „Св. Димитрија“ купил мала икона од св. Наум Охридски, но е сигурен дека светецот бил со него:
– Можам само да ви кажам дека сум сигурен дека светецот беше со мене во моментот на несреќата и сум му вечно благодарен поради тоа. Редовно палам свеќа в црква на иконата на овој светец, одам во Охрид на тој празник, доколку сум во можност. Треба да го земам за домашна слава верскиот празник Св. Наум.
Смета дека пребродил големо искушение и смета дека сензитивноста за различни спознанија кај луѓе што преживеале вакви ситуации е многу посилна и појасна отколку кај обичен човек.
– Сепак, ќе ги задржам за себе тие емоционални и моментни искуства што се вселија во мојата душа во изминативе 20 години – вели Ацковски.
По 30 дена пак во авион
По несреќата донел одлука веќе да не работи како стјуард. Вели, беше бесмислено да останам и да го работам тоа. Но, не се откажал од авионите и од авиобизниот. И денес смета дека летањето е побезбедно од возењето со автомобил. Нема преживеано сообраќајна незгода, но тоа што го гледа на улица му е доволен доказ дека летањето е побезбедно.
– Да земете да возите автомобил десет часа ќе имате многу поризични ситуации отколку да летате десет часа во авион. Знам луѓе што никогаш не се качиле во авион и никогаш нема да се качат и ги разбирам. Тоа чувство на страв не можеш да го контролираш – коментира Ацковски.
Еден факт што укажува на тоа дека лесно се соочил со психичкиот момент, со стравот од тоа што го преживеал е фактот дека многу набрзо се качил во авион. Секако, прво летање му било со хеликоптерот со кој бил пренесен по несреќата. Но по 30 дена подоцна пак се качил во авион. Сакал самиот да види дали може или не. Летал за Франкфурт на одмор.
– Можам да кажам дека се чувствував удобно како и секој друг патник што лета и чувствува мала психоза кога се наоѓа 10.000 метри над земјата – вели тој.
Тој верува дека секаде во светот се посветува внимание на безбедноста на летање и исправноста на леталата. Кај нас е направена банална грешка, а не техничка – не биле доволно испрскани крилјата на авионот.
– Тој тип авион го користи „Аустријан ерлајнс“ и денес. Често доаѓа во Скопје. Гледам како му приоѓаат. Не го прскаат. Буквално, го бањаат. Тоа е таков тип авион што многу лесно фаќа мраз. Но, тогаш беше нов, сѐ уште не го знаеле тоа. Пилотот Владо Стојчев, кој загина во несреќата, неколку дена пред летот држеше предавања. Рече : Оваа книга е закон за воздухопловство и за сите закони. Таа е со крв напишана. И се случи ова… Но, во тоа време… Да знаев што се случувало, како се работело, веројатно немало да станам стјуард. Но, бев премногу млад. Имав само 21 година – додава стјуардот.
Од денешен аспект, вели, многу работи се променети, и никогаш не треба да се заборави фактот дека на територијата на Македонија во овие 20 години се случија неколку авионски несреќи со трагични последици – пад на украинскиот карго-авион, авионот во кој бил тој, пад на авион на „Авиоимпекс“ во близина на Охрид, пад на армиски хеликоптер.
– Во авионска несреќа загина и нашиот претседател, со авион што летна од Македонија. Мислам дека нема друго место во Европа каде што на толку мала територија се случиле толку трагични авионски несреќи со голема човечка и материјална загуба и се надевам дека веќе никогаш нема да бидеме сведоци на такви настани – завршува човекот, кој, веројатно, живее втор живот.
Што се случи со „фокер 100“
Го паметиме „фокер 100“, летало на компанијата „Палер Македонија“… Сега во Македонија нема наш авион… Но, „фокер 100“ Немаше многу летови. По неполн месец од првиот лет го имаше последниот лет. Кобниот ден имало 97 патници и членови на екипажот. Загинаа 84. Причина за несреќата е замрзнувањето на крилата, предизвикано од кондензацијата што се создала при дополнувањето на горивото во крилата. Замрзнатите крила ја нарушиле аеродинамиката. Леталото стигнало во Скопје утрото во 9 часот и 40 минути. Слетал од Франкфурт. Тргнал за Цирих… По две секунди по одвојувањето од земјата, „фокерот“ почнал силно да вибрира. Крајот на десното крило закачил во земја, на 382 метра оддалеченост од пистата. Крилото се одвоило, по што резервоарот експлодирал, а трупот се скршил на три дела. Инженерот, кој бил од „Свисер техник“, кој веројатно ја вршел контролата пред летнувањето бил во авионот. Бидејќи се работело за ново летало, морал да го следи авионот. И тој, како и капетанот, загинале во несреќата.
Пишува: Билјана Зафирова
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.