
Франција е земја во фокусот на четвртото издание на Неделата на дизјанот во Скопје, која ќе се одржи од 23 до 28 септември во Куршумли-ан во Старата скопска чаршија. Годинешното мото е „Четврта смена“, а програмата е составена од активности кои ќе почнуваат во 10 часот претпладне, а ќе траат до доцна во ноќта.
– Бидејќи оваа година Франција е земја во фокусот, идејата е да се претстави францускиот дизајн, да се презентира нешто што е поинаку, да се презентираат дизајнерите на француската сцена. Идејата стана конкретна во април, а фокусот е на француското младо творештво, да се покаже францускиот дух во различни области – модата, изработката на мебел, накит, гастрономијата. Неделата на дизјан во Скопје е одлична шанса да се воспостави врска меѓу француските и македонските дизајнери – изјави амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер.
Таа смета дека на Неделата на дизајн во Скопје нема да се остварат само културолошки врски меѓу македонските и француските дизајнери, туку и дека соработката ќе биде и во духот на претприемаштвото, а ќе има и социјална димензија.
– Цел камион предмети од Франција доаѓаат во Македонија и тие ќе бидат изложени на просторот во Куршумли-ан за време на Неделата на дизајн. Потоа ќе бидат претставени и на други места во градот – додава амбасадорката Оер.
По отворањето на 23 септември, во 20 часот, во наредните пет дена ќе следува интензивен ритам на паралелни и последователни програмски целини во кои се опфатени дизајнерски бизнис и едукативни презентации. Меѓу другото, ќе има и презентација и дегустација на француската кујна, а тоа ќе го стори Оливие Рош, готвач во ресторанот „Летанжер“ во Софија.
Новина во ова издание на Неделата на дизајнот во Скопје е што ќе се случи основачка конференција на Балканска дизајнерска мрежа, најави Александар Велиновски, директор на Неделата на дизајн во Скопје.
– И додека во Европа се случуваат отцепувања, ние во Неделата на дизајнот во Скопје имаме цел да се обединеме и да настапиме заедно. Од 2015 година ќе постои заедничка, балканска мрежа на дизајнери – рече Велиновски.
На годинешното издание ќе има експо-зона, патувачки и некомерцијални изложби, работилници и панел-дискусии, „Гастро талент зона“ на „Барбакан“, новата форма на фестивал во фестивал со „ Тело, ум и дух“ (Body, mind and spirit), промоција на иницијативи со кои ќе се зацврсти претприемачкиот дух во насока на соработка помеѓу деловниот сектор и креативната индустрија, но и целовечерни диџеј-сетови на српски и македонски диџеи во забавниот сегмент на Неделата на дизајнот во Скопје. Основачката конференција на Балканска дизајнерска мрежа ќе се одржи на 24 и 25 септември. Балканската дизајнерска мрежа во првите две години од постоењето ќе се отвори кон сите дизајн-платформи, компании, студија, поедници и институции кои се тесноповрзани со дизајн на производи и кои сакаат да придонесат за развојот на дизајнерската сцена во регионот со цел да се оствари заедничката мисија.
Марта Наумовска-Грнарова, програмски директор на Неделата на дизајн на Скопје, најави шест нови македонски брендови.
– Важно е да работиме, да поттикенеме соработка и да стекенеме самодоверба во тоа што го работиме. Ќе имаме нови излагачи од Македонија оваа година и нормално е луѓето прво дома да ги изложат своите идеи и дизајни – додаде Наумовска-Грнарова.
Во сегментот на презентации од Неделата на дизајн во Скопје ги најавуаат настапите на Никола Радељковиќ од „Numen/For use“, едно од најавангардните дизајнерски студија во регионот, меѓу другото, кај нас познато и по сценскиот дизајн за филмот „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, потоа презентацијата на Рикардо Капузо, основач и сопственик на платформата „Design42Day“ во Италија, Ханспитер Џејмс Келин, архитект, СДА-дизајнер и архитект за внатрешно уредување ќе одржи бизнис-презентација со наслов „Пазарот за мебел во Европа – трендови во дизајнот, факти и бројки, сегментација на производ и цена“, а ќе ги претстави и www.ministryofpleasure.net.
Во сегментот на едукативни презентации тие ја најавуваат работилницата за млади талентирани луѓе кои работеле на развојот на софтверско решение кое ќе им овозможи на купувачите да создадат и дизајнираат сопствени комбинации на ЗАВАР дизајнираните радијатори.
Неделата на дизајн во Скопје ќе даде можност да се стекнат и практични вештини во повеќе области на продукт-дизајнот. Во забавниот сегмент потврдени се настапите на „Мјустрап“, „Лејт фор кофи“, „Лорна винг“, „Луз азул“, „Заа“, „Нејкед“, диџеј Ачим и диџеј Мед Хатер од Србија и македонските диџеи Флудер, Флуид, Васо и Томи Бојаџи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Пастело“ е избран за Најдобар млад бренд на Неделата на дизајн во Скопје
-
Георги Шаревски, џез-гитарист: Имам среќа да соработувам со постари и поискусни музичари од мене, што ме научи да бидам понизен и благодарен
-
Васил Хаџиманов гостин на Недела на дизајн во Скопје со промоција на албумот „Alive“
-
Александар Велиновски, СДВ: Станавме најпопуларна дизајнерска платформа во регионот


