Резултатите од референдумот во Шкотска покрај целата светска јавност будно ги следат и обложувалниците во земјата бидејќи, како што велат, доколку победат националистите, ќе бидат принудени да исплатат милионски суми, пренесуваат британските медиуми.
Претставниците на обложувалниците соопштуваат дека иако станува збор за случување што се однесува надвор од областа на спортот, сепак владее рекорден интерес кај лицата кои уплатиле и типувале за крајниот резултат.
Обложувалницата „Ледброкс“ соопштила дека во понеделникот низ целата земја примила уплати во вредност од рекордни 250 илјади фунти.
Обложувалницата „Педи пауер“, пак, наведува дека и кај нив вредноста на уплатите достигнала шест цифрен број, пренесува британскиот „Индепендент“.
Доколку на референдумот победат националистите, обложувалниците ќе имаат навистина големи главоболки, бидејќи во тој случај ќе мора да исплатат и до милион фунти.
Во прилог на тоа говори и една уплата во висина од 20 илјади фунти која била уплатена и тоа во прилог на независност на Шкотска.
Во Шкотска триесет отсто од уплатите се однесувале на опцијата националистите да победат на престојниот референдум, што, пак, е само малку повеќе во однос на 28 проценти колку што во другите делови на Британија гласале за истата опција.
Обложувалницата „Педи пауер“ навела дека очекува дека ќе исплати пари за типувања кои се однесувале на излезноста на референдумот, за што се сметало дека ќе излезат околу 60 отсто од бирачите, додека последните показатели зборувале дека можеби ќе биде достоигната бројност од дури 82 проценти, што би била и најголема излезност во историјата на гласањето во оваа земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



