| четврток, 6 декември 2018 |

Вирусот ебола мутирал најмалку 50 пати

ебола лек„Ако ширењето на епидемијата на ебола брзо не се запре, вирусот би можел да мутира и да стане уште поопасен“, порача претседателот американскиот претседател Барак Обама. Меѓутоа, вирусот веќе сега го има променето својот генетски наследен материјал.

Дојче веле пренесува дека колку повеќе кружи вирусот, толку повеќе го менува својот генетски материјал.

-Ако вирусот се пренесува од човек на човек, тогаш е под притисок да се прилагоди на друго лице- вели за ДВ вирологот Јонас Шмит-Ханасит од институтот Бернард-Нохт во Хамбург. Тој додава „дека и само една промена на генетскиот материјал може да има големи последици“. Мутацијата, на пример, може да ја зголеми опасноста од инфекција со вирусот. Во најлош случај мутацијата може толку да го промени вирусот што тој би можел да се пренесе не само преку телесни течности, туку и преку воздух, што би имало фатални последици.

Меѓународниот истражувачки тим го анализираше генетскиот материјал на 99 вируси на Ебола. Патогенот потекнува од 78 пациенти од Сиера Леоне кај кои лекарите утврдиле дека се заразени со ебола. Стручњаците открија над 300 генетски промени. Во текот на актуелната епидемија се регистрирани 50 мутации.

Вирус кој е познат по својата брза мутација е вирусот на грип. Научниците секоја година мораат да пронаоѓаат нови вакцини против грип бидејќи по една година вирусот е толку силен што минатогодишната вакцина веќе не делува.

„За среќа еболата е поинаква“, вели Шмит-Ханасит. Во споредба со вирусот на грип, вирусот на еболата мутира многу побавно. Причина е тоа што неговиот генетски материјал е поинаков. Меѓутоа, вирусот се’ уште се менува брзо до тој степен што е отпорен на лекови и вакцини на кои стручњаците моментално работат.

Шмит-Ханасит вели дека не е исклучена промена на вирусот ебола до толкава мерка за да може да се пренесе и по пат на воздух. Меѓутоа, тоа е „многу неверојатно“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top