
Ацо Станковски
Антиквизацијата во Македонија е еден погрешно поместен дискурс од страна на транзициската левица, во име на една опортуна политичка стратегија, која во „фаталната“ непромисленост создава огромни штети за националниот интерес на Македонија, за балканскиот интерес и за интересот на универзалната човечка култура. Прашањето на „антиквизацијата“ не е и не треба да биде политичко прашање. Тоа е прашање за културата, историјата на уметноста и психоанализата. Всушност, се работи за една специфичност во областа на културата и историјата на уметноста, што се појавува кај одредени пост-комунистички народи од Евроазија, а која поради историскиот контекст отстапува од европскиот културен мејнстрим.
Имено, овие, нетипични во развитокот, култури доживуваат историско-културолошки потреси, непознати за онаа позната Европа, Европа со цврсто изградени, скоро авторитарни идентитети. Сите овие земји со дисторзиран идентитет и со „сомнителна“ култура (според европските критериуми) излегуваат како нации – држави од распадот на Турската империја, кој се одвива од средината на деветнаесеттиот век и трае сè до Првата светска војна. Тие држави (претежно од Балканот) што успеаа да се конституираат во средината на 19 век имаа доволно време: тие 7-8 децении, до етаблирањето на модерната да ја дизајнираат својата новосоздадена фолклористичка култура, полна со ориентализам, во насоката на европските културни манири. Европскиот нововековен културен идентитет почнува со ренесансата. Ренесансата почнува со интересот за античката култура (значи еден вид антиквизација). Таа европска културна „револуција“ почнува уште во XV век и трае сè до крајот на XVI век, кога во западна Европа започнува уште еден значаен културен период – барокот. Барокот е една, всушност, издраматизирана и развеана ренесанса, која дивергира во два основни правци:
– декоративноста (како глобално движење)
– реализмот (како предвесник на индивидуализмот)
Тоа е, исто така, (XVII век) време на колонизација на новооткриените континенти и период на значајно богатење на европските градови, во кои веќе се појавува капитализмот во својата рудиментирана форма. При крајот на XVII век, она што го почна ренесансата пред дваипол века во Италија, стана општа карактеристика на европската култура. Уште два века во Европа ќе се развива култот кон ренесансниот идеал на повесел или потраорен начин, поминувајќи ги рококото, класицизмот, романтизмот, реализмот и кога конечно во Франција (водечката европска култура од средината на XIX век) се појавуваат Барбизонците, како еден вид блиски предвесници на импресионизмот, во југоисточна Европа имате создавање на неколку нови култури, што френетично се обидуваат да ги брендираат своите нации – држави. Овие балкански држави не партиципираат во европските културни текови повеќе од четириипол века, некои дури и пет векови…
Сите овие народи, окупирани од Османлиите, уште во периодот на доцниот среден век немаат никаков културен просперитет во контекст на европскиот. Тоа се култури, изолирани од остатокот на Европа за пола милениум, и сега во времето на импресионизмот, овие култури работат со полна пареа на својата европеизација, или подобро – на својата антиквизација, рапидно напуштајќи го феудалниот, доцно-византиски и фолклорно-ориентален стил и вртејќи се кон ренесансните вредности во тоа време, втемелени во буржоаскиот реализам со дискретна доза на античка арома, тие држави создаваат основи на европеизмот и европскиот сентимент во својата културна историја.
Оваа „антиквизација“ што се врши во културите на новосоздадените нации во југоисточна Европа е последниот бран на антиквизација, што ја опфаќа европската култура пред појавата на модернизмот (почеток на XX век). Тоа е една среќна околност за овие земји во целата трагична судбина на балканската култура во новиот век. Но има и народи како македонскиот, кои својата „сувереност“ исто така ја губат (како и останатите народи од југоисточна Европа во XV век) со доаѓањето на Турците во Европа, а се ослободуваат (добиваат државност и полноправен национален идентитет) од колонијализмот (по турскиот во Балканските војни) на новосоздадените балкански држави (сега веќе етаблирани и амбициозни за нови територии) дури со завршувањето на Втората светска војна.
Значи, имате народ, чија култура од доцниот среден век (така е презервирана и конзервирана повеќе од пет века) се буди во највехементниот модернизам од средината на XX век, кога доминантниот естетски правец во Западната уметност е апстрактниот експресионизам. Џексон Полок и Вилем де Кунинг се среќаваат со живописците од доцната Византија, парадоксална културна позиција. Една од најпарадоксалните позиции за македонската култура е тоа што нејзиното осамостојување (во политички смисол), всушност, се остварува во комунистичко-тоталитаристички услови. Деформираната, од идеолошки притисоци „антиквизација“ (или европеизирање во контекст на ренесансните вредности), добива краток и не многу впечатлив простор во новоформираната македонска култура со социјалистичкиот реализам. Дури и оваа комунистичка „антиквизација“ на македонската култура ѝ даде мал европски гламур – колку и гротескно да делува, во споредба со вистинските длабоки и студиозни антиквизации на европската култура од минатите векови. Но, веќе при крајот на 40-тите КПЈ и Советите запаѓаат во конфликт (Информбиро), кој југословенската (македонската) култура ќе ја приближи кон западните културни трендови. Така, модернизмот на голема врата влегува во југословенската (македонската) култура и дефинитивно го потиснува и изолира социјалистичкиот реализам, создавајќи уште попарадоксална ситуација во македонската култура. Недоволно експлоатираниот соц-реализам не може да создаде цврста реалистичка база за модернистичката конструкција. (продолжува)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


