| четврток, 6 декември 2018 |

Нео номади Или: кауч сурфинг цивилизација

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Првите номади на светов се Адам и Ева.

Тие го напуштиле рајот во потрага по нов рај бидејќи во стариот биле прогласени за персони нон грата.

Денес за нај „ин“ земја во светот се смета Америка.

Чија е Америка? Дали е лесно да се добие иселеничка виза за загубениот рај? И каде е најлесно денес да се добие азил?

На кој прв му текнало да побара азил?

Според некои неодамнешни истражувања, се покажа дека во Македонија децата биле најсреќни. На возрасните не им беше лесно да ѝ поверуваат на оваа вест. Добрите педагози знаат дека среќното детство е најдобриот учител.

Да се правиш паметен во земја во која паметта расте на дрво е слично како да се обидуваш да решиш линеарна равенка со една непозната со помош на двајца познати (преку врски). Прашање е со што се занимаваат познативе, и на кој начин паметта може да расте на дрво. Зошто да не, ако може нафтата да расте под земја, може и ова другото на дрво…

Обично каде што има многу нафта нема многу вода. И има памет. И добра економија. Многу пари. И должничко ропство на глупавите. Африка сè уште важи за континент со најмногу дијаманти по глава на жител. И најмногу робови во рудниците богати со скапоцени камења. Ако некој може да се сети зошто, нема да добие нобелова награда за умност, туку една цевка динамит во газот. Ете зошто Нобел го измислил динамитот.

И додека Македонија е земја со најсреќните деца на светот, Норвешка е земја со најсреќните возрасни на светот. Таму децата се воспитуваат по спартански образец, а кај нас по атински.

Впрочем, што е тоа „среќа“? Сè е прашање на избор. Што ќе си посееш, тоа ќе си жнееш. Не можеш да живееш во Црна Гора, а да имаш претприемачки дух на Германец. Ако веќе мора да се лежи, барем да се лежи достоинствено, и на плажа. Блазе си им на бедните по дух, зашто тие ќе го наследат југословенското злато од заедничката каса на народите и народностите. Додека едни лежеле, други копале со мотика, а трети го јаделе кајмакот во „сделању з нараво“.

Биди внимателен со луѓе коишто едно мислат, друго зборуваат, а трето прават. Со таквите утростручи го вниманието. Можат да те пренесат жеден преку вода и згора на сè да не смееш да прашаш „зошто?“ Забраната да прашуваш ќе биде последица на тоа дека си бил предупреден. Не си поверувал во скришните совети на претпазливата совест, и си пливал спроти текот на реката. Во таквиот случај полесно е реката да го смени текот одошто ти да ја омекнеш тврдата глава. Откажи се од брзањето и од алчноста и сè ќе си дојде на свое место, вклучително ти.

Во секој случај денешните номади се последица на преголемата натрупаност на големите градови.

Премногу луѓе, а премалку живеалишта со стандардни услови за живеење. Освен ако не си Кинез.

Премалку контејнери.

Премногу затрупани канали за одвод. Премногу вода што нема каде да тече.

Премногу лаги. Премногу механизми кои вештачки се одржуваат во живот поради нивниот опстанок: политика. И игри. Премногу меморија употребена за таа цел. Премалку бришење на непотребната меморија.

Премалку информатичари по глава на жител. Премногу историчари. Премногу иста историја со варијации на тема. Премалку оригиналност на серверите.

Доволно материјал да настане кауч сурфањето. Тоа е кога сè што ти треба за да го пропатуваш светот е каучот на добрите пријатели што се подготвени да го споделат и она малку што го имаат. Оние што имаат многу, обично не им се споделува и затоа сурфаат на кревети со пет ѕвездички…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top