| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба „Експериментален цртеж“ во Прага

unnamed

На 15 септември, понеделник, ќе се отвори изложбата „Експериментален цртеж“ во Палата Луцерна-Прага, Република Чешка.

На изложбата, со своите дела ќе се претстават 62 ликовни автори членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Отворањето ќе биде поткрепено со говор на амбасадорот претставник на Република Македонија во Прага Паскал Стојчески и претседателот на ДЛУМ Сергеј Дамовски.

Изложба „Експериментален цртеж“ се организира од страна на ДЛУМ веќе шеста година по ред. Поддржана е од Министерство за култура на Р. Македонија по повод јубилејна билатерална соработка со Република Чешка.

Изложбениот концепт на проектот „Експериментален цртеж“ претендира да го разработи процесот на отстапување од традиционалната форма на цртежот. Иако валиден како независен медиум, основниот акцент е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини. Современиот македонски цртеж не ги исклучува традиционалните техники, туку често го проширува полето на истражување и експериментирање вклучувајќи различни трансформации.

Изложбата вклучува дела кои го поврзуваат цртежот со сликарството, скулптурата, фотографијата, графитот, дигиталната уметност. Презентираниот материјал нуди различни пристапи кон современиот цртеж во кои тој не е ограничен на скица, туку се развива во нови варијации, почнувајќи од молив на хартија, до концептуални пристапи.

Со здобивањето на нов статус цртежот ја потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми. Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, потенцирајќи ја неговата интердисциплинирана, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top