Македонските кодови во НАТО се FY (former Yugoslavia – поранешна Југославија) и FYR (former Yugoslav republic – поранешна југословенска република). Овој неверојатен податок стои во извештајот од состанокот на Заедничката разунавачка група во просториите на НСА (Агенција на НАТО за стандрадизација), одржан од 7 до 12 април 2003 година во Брисел, документ што сега е декласификуван, а кој неодамна го доби „Република“.
За ваквата промена на називот на нашата држава досега ниету една државна институција не ја известила јавноста и не е забележана од ниту еден медиум, иако промената на кодот е регистрирана во листата на кодови на државите на НАТО објавена на интернет-енциклопедијата „Википедија“.
Станува збор за кодови што се користат во интерната комуникација на Северноатлантската алијансата, што го објаснува фактот зошто ова досега остана непознато за јавноста, но ја покажува и мизеријата на нашите властодршци, кои ако не се под притисок на јавноста, односно ако можат да работат зад грбот на народот, многу лесно прифаќаат вакви понижувања со името на државата.
НАТО ги користи, поточно ги презема истите кодови од ИСО (Меѓународна организација за стандардизација), каде што, да потсетиме, Македонија е членка и е означена со кодовите MKD и МК.
Произлегува дека промената на кодот е направена надвор од сите меѓунардони договори, односно е прифаќање на бришење на зборот Македонија без преседан. Македонија е примена во ООН како ФИРОМ (од што каде НАТО и ја црпи легитимноста за така да нѐ нарекува), но Светската организација како кодови за Македонија ги користи тие од ИСО, значи МКД и МК, иако меѓународната организација за стандардизација не дел од телата на ООН.
Во документите на НАТО е нејасно по чија наредба се прифатени кодовите, кои се различни од тие на Меѓународната организација за стандардизација, а кои се во употреба во алијансата
Капетанов кукавичлак или наредба од Скопје?
Но, да одиме по ред. „Република“ засега ќе го остави настрана името на тогашниот македонски капетан прва класа, кој учествувал на овој состанок на кој е прифатена промената на кодот, а кој, според Министерството за одбрана, веќе не работи за нив. Во Владата ќе треба да си проверат дали капетанот дејствувал по свое лично видување (што е, навистина, неверојатно бидејќи Армијата е строго хиерархиска структура) или имал таква наредба од некого. Оваа нејаснотија произлегува од текстот во документот каде што се расправа за кодовите на државите. Никаде не стои дека македонскиот капетан отишол да се консултира со Скопје пред да ги прифатите новите кодови за нашава земја. Конкретно, во извештајот за состанокот на страна 19 стои:


„Кодовите според ИСО за поранешната југословенска република Македонија се МКД и МК од кои и двата се неприфатливи за GR (код за Грција). IT (код за Италија) предложи невозможниот проблем да се реши со додавање на уште една буква за сегашниот СТАНАГ 1059 (стандард за кодови за географски ентитети на НАТО), код FY. По поголема дискусија беше постигната согласност дека новиот СТАНАГ 1059 ќе ги усвои кодовите според ИСО со исклучок на поранешната југословенска република Македонија, која ќе биде претставена со FYR. Исто така се согласивме дека IT ќе ја испрати предлог-верзијата од Осмото издание на СТАНАГ 1059 до државите до крајот на април 2003 година. Државите ќе коментираат по овој предлог до 1 јуни 2013 година, по што IT ќе произведе нова предлог-верзија за натамошна дискусија на состанокот во Осло, Норвешка што ќе се одржи во октомври 2013 година…“
Со други зборови, капетанот прифатил, а предлогот стигнал и до Скопје. Што тоа коментирале македонската влада или Министерството за одбрана на предлог-верзијата изработена од претставникот на Италија засега останува непознато.
Никој не се потресол за ова
Според документот, новиот код за Македонија влегол во сила во април 2004 година, а додека сето ова се случувало, април – октомври 2003 година, Министерството за одбрана го раководеше Владо Бучковски, а Владата Бранко Црвенковски. Никој од двајцата не помислил дека е потребно да ја информира јавноста за ова. Да биде парадоксот поголем, само еден месец пред состанокот на НСА во Брисел, од Заводот за стандардизација и за метрологија, со одлука на Влада, е формиран македонскиот Институт за стандардизација, кој веднаш стана членка на ИСО, чиишто стандарди, пак, сега ги презема НАТО. И при зачленувањето на Македонија во ИСО имало жестоки реакции на Грција, но македонските претставници, сепак, се избориле да кодовите за Македонија бидат МКД и МК. Само еден месец подоцна, во Брисел, веќе добиената битка за кодовите е загубена во НАТО.
Колку за потсетување, Привремената спогодба за името од 1993 година воопшто не ја спречува Македонија во користењето на кодовите. Конкретно, ова може да се најде во параграфот 2 и во членот 5:
„На Втората страна (Македонија) ќе ѝ со обраќаат со ФИРОМ за сите потреби во рамките на Обединетите нации“.
Во членот 5 на Привремената спогодба, меѓу другото, се наведува:
„Страните ќе преземат практични мерки, вклучувајќи и како ќе се однесуваат во однос на документацијата за да се одвиваат нормални трговски и економски односи меѓу нив, на начин што е конзистентен со нивните респективни позиции во однос на името на Втората страна. Страните ќе преземат практични мерки за разликата во однос на името на Втората страна што нема да ги спречува ниту да се меша во нормалните трговски и економски врски меѓу Втората страна и трети страни“.
МО: Владата не се согласила со промена на кодот
И покрај тоа што во документот на НАТО стои дека предлогот за новиот код е доставен до сите влади, во одговорот од Министерството за одбрана до „Република“ се тврди дека Владата на Македонија никогаш не се согласила за таков код. Ова е нивниот одговор во целост:
„Кодовите за географски ентитети, нации и земји во НАТО, алијансата ги има регулирано со STANAG 1059 (Edition 8), под наслов „Letter codes for geographical entities“ кој стапи на сила на 1 април 2004 година. Единствената цел на овој стандард е да укаже на кодовите што ќе се користат единствено во НАТО-контекст. За Република Македонија, според STANAG 1059, одредената ознака е во Анекс Б – привремени кодови. Според тоа, во НАТО контекст одредена е трикодната ознака FYR. Во рамките на НАТО, Република Македонија е наведена како ’the Former Yugoslav Republic of Macedonia‘, со задолжителна фуснота дека Република Турција ја признава Република Македонија според нејзиното уставно име. Министерството за одбрана посочува дека ниту Владата на Република Македонија, ниту лица од Министерството немаат прифатено, ниту дадено согласност за користење на трикодната ознака FYR за Република Македонија, и истовремено тврди дека во континуитет се прават сите напори преку претставниците на РМ во НАТО (Амбасадор, воен претставник) да се користат меѓународно признаените ISO ознаки, односно MK или MKD“.
(текст објавен во 14. број на неделникот Република, 7 декември 2012)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


