| четврток, 6 декември 2018 |

Три белградски сценарија за Косово

kosovo serbs arested

Српските власти подготвиле три можни сценарија за продолжување на дијалогот за Косово и можноста Србија денеска во Брисел да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија. Првиот предлог се однесува на формирање заедница на српските општини, со сите овластувања, на Косово, а доколку оваа опција не успее, да се почне со исполнување на условите на ЕУ од декември. Последното сценарио предвидува владејачката коалиција да утврди дека датумот за преговори е преголема цена за тоа што се бара од Белград и на одреден период да го одложи почетокот на пристапните преговори, пишува „Блиц“.

Белградскиот весник наведува дека конечниот план за настап на шестата рунда за преговори требаше да биде соопштен вчера доцна попладне, од страна на српските власти. Според „Блиц“, преговорите за Косово се замрзнати поради тоа што Приштина одбива да се согласи на компромис и не сака да дозволи евентуалната заедница на српски општини (ЗСО) да има извршни овластувања и да биде избирана на избори. Извори за „Блиц“ истакнуваат дека на состанокот меѓу српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ е најмал проблем српскиот премиер до крај да притиска за формирање на СЗО, но останува прашањето што се постигнува со тоа.

– На Белград јасно му е порачано дека Приштина нема да даде надлежности на СЗО и дека од тоа нема да отстапи бидејќи за таквиот став има голема поддршка од Германија и од САД – порачува изворот на „Блиц“.

Според него, Дачиќ не отстапува од надлежностите за СЗО бидејќи во спротивно Србите нема да ги имаат потребните услови ниту доволно гаранција за функционирање на својата заедница на Косово.
– Доколку тоа, сепак, не успее, Србија ќе мора да ги исполни сите услови од ЕУ ако сака да добие датум за преговори – додава соговорникот на белградскиот весник.

Условите се однесуваат на безбедносните структури, на судството, енергетиката, телекомуникациите, локалните избори, како и на финансирањето на Косово. „Блиц“ наведува дека не е исклучена можноста српскиот државен врв да одлучи дека Србија е премногу условувана со барањата, кои не може да ги прифати, додека другата стана не сака ниту минимум компромис. Марко Ѓуриќ, советник на српскиот претседател, изјави дека Србија ќе побара од меѓународната заедница да изврши притисок врз Приштина за да прифати отстапки во интерес на успешниот дијалог.

– Сега е клучен момент меѓународната заедница да ја охрабри Приштина да биде подготвена за поотворени разговори, кои подразбираат и тешки отстапки, но кои водат кон остварување на долгорочните интереси на двете страни. Не може да се постигне одржливо решение ако едната стана целосно е незадоволна – истакна Ѓуриќ.

Белградскиот весник наведува дека Дачиќ ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин пред решавачката седма рунда од преговорите со косовскиот колега Хашим Тачи во Брисел. Според „Блиц“, се очекува српскиот премиер да го слушне ставот на Путин и како Русија гледа на досегашниот тек на дијалогот за Косово имајќи го предвид фактот дека со сегашните позиции тешко ќе се дојде до компромис меѓу Белград и Приштина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top