| четврток, 6 декември 2018 |

Студентите од Нигерија биле под 24-часовен мониторинг- Министерството за здравство за написите за ебола

aerodromВо врска со објавените написи во одредени медиуми за лица сомнителни на ебола кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, Министерството за здравство ја информира јавноста за следното:

На 4 септември (четврток), на термалната камера поставена на аеродромот Александар Велики, која врши 24-часовен мониторинг за детектирање на лицата со покачена телесна температура (во рамки на посебните превентивни мерки за заштита на населението од вирусот на ебола), беа детектирани 2 лица со покачена телесна температура. Станува збор за група од вкупно 8 лица кои допатувале од Нигерија поради студиски престој во Република Македонија, на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола и Универзитет за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” – Охрид. Од сите пристигнати лица во групата, кај 2 лица била детектирана покачена телесна температура преку термалната камера, како и при извршено мерење од страна на медицинската служба на аеродромот.

Согласно Протоколите за постапување при појава на сомнителен случај, двете лица се задржани на аеродромот во просторијата за изолација, поради дополнително следење и набљудување на состојбата. Во текот на ноќта, медицинските служби при неколку последователни мерења констатирале дека телесната температура кај двете лица се намалила до ниво на нормална телесна температура, и поради тоа веќе следниот ден лицата биле пуштени да отпатуваат до крајната дестинација.

Имајќи предвид дека групата од 8 лица допатувала од Нигерија, која претставува ризично подрачје на лица заболени од ебола, кај сите 8 лица, откако се пристигнати во Република Македонија, согласно Протоколите се врши редовен здравствен надзор во тек на 21 ден (колку што изнесува периодот на инкубација), од страна на епидемиолог од подрачниот Центар за јавно здравје.

При вршењето на редовниот здравствен надзор, кај 1 лице од групата, кое престојува во Охрид, во текот на денешниот ден е констатирана покачена телесна температура (над 38 степени). Согласно Протоколите и поради претпазливост, имајќи ја предвид земјата од која доаѓа, лицето ќе биде ставено во изолација на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Ова лице не покажува други потенцијални симптоми на вирусот ебола и не треба да се создава непотребна паника во целиот случај. Станува збор за стандардна процедура, која е идентична како кај претходно споменатите 2 лица, кои по утврденото нормално ниво на телесна температура по неколку последователни мерења, беа пуштени да отпатуваат до крајната дестинација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top