Имаме обврска Македонија да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна. Да си подадеме рака меѓу себе, со нашите соседи и со нашите западни пријатели. Да тргнеме заеднички напред кон новите предизвици и да ја градиме и развиваме Македонија.
Тоа се дел од пораките што претседателот на македонското Собрание Трајко Вељановски ги упати на свечената академија што се одржа вечерва во Македонскиот народен театар, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија.
На академијата присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, пратеници и министри од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Македонија, како и претставници од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.
Најголем предизвик, порача Вељаноски, останува вкупниот државен развој, а приоритети членство во НАТО и ЕУ. Повика на соработка и единство помеѓу политичките партии, натамошно јакнење на довербата помеѓу етничките заедници и меѓуверската толеранција…
– Никогаш не престанавме да веруваме и да се бориме за нашето заедничко подобро утре под сонцето на слободата! Таквата упорност, пожртвуваност, национална одговорност и вера ја доведоа Македонија таму каде што е денес! Нашата татковина 23 години чекори по патот на независноста! Нашите граѓани 23 години ја живеат слободата и успешно се носат со одговорноста која доаѓа со независноста!, рече Вељаноски, нагласувајќи дека 8 Септември е денот кога, како ретко кога, покажавме државно единство, народен плебисцит, гласајќи за самостојна, суверена и независна Македонија!
Вељаноски потсети на приликите кога беше организиран процесот за прогласување независност, истакнувајќи дека Македонија го препозна историскиот миг. – Крајот на тој 8-мо септемвриски ден го дочекавме на плоштадите! Излеговме заедно под знамето на слободата да му се радуваме на историскиот исчекор што го направивме! Македонија го препозна историскиот момент! Македонија, како секогаш низ историјата, застана на страната на европските вредности чиј почеток и крај се демократијата, човековите права и слободи и пазарната економија, рече Вељаноски.
Упати честитки за херојските дела на македонски војници кои создавањето на независна Македонија го дочекаа под туѓи униформи и знаме и се ставија на услуга на својата татковина Македонија, како и огромна почит до семејствата на сите загинати и ранети македонски војници од постјугословенските времиња кои со своето дело се вградија во независноста на македонската држава. – Огромна благодарност и до сите други македонски синови и ќерки кои овие 23 години во македонски униформи ги чуваа македонските граници и македонската земја внатре во Македонија кога беше потребно или надвор од неа како дел од мисиите на нашите нато сојузници!, посочи Вељаноски.
Според него, 8 Септември е најголемиот симбол и на искрениот дијалог, соработка и разбирање помеѓу различните политички партии. Затоа, нагласи, 8 Септември треба да биде денот на кој треба да го славиме и да го поттикнуваме нашето единство и соработка! – 8 Септември не е празник само на поддржувачите на една или на друга партија! 8 Септември е празник на сите наши партии! 8 Септември е најголемиот политички успех, како на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ! Оваа вредност на овој голем ден мораме постојано да ја акцентираме. Како што пред 23 години македонските политичари од сите политички партии застанаа еден до друг на плоштадот во Скопје да ја обнародат и да ја прослават независноста, така ние денес имаме обврска кон тоа дело и кон тие луѓе да бидеме единствени и сплотени, рече Вељаноски, потенцирајќи дека Македонија нема друга алтернатива освен заедничкото дело за подобро утре на сите партии.
Вељаноски порача дека мора да се сочува извојуваната државност, а вкупните прилики во Македонија уште повеќе да се унапредуваат. Меѓутоа, нагласи, сé е потешко доколку отсуствува единството! Секоја цел е подалечна доколку не сме обединети! Мораме да ги надминуваме нашите разлики! Да го развиваме дијалогот! Да вообличуваме конкурентна политичка понуда! Да се натпреваруваме со идеи! Да правиме сé што е во наша моќ многу повеќе партиите да се доживуваат како конкуренти, а не како непријатели! Да си подадеме рака независно од тоа на која партија и припаѓаме! Нашата најголема партија останува да биде Македонија!, рече претседателот на Собранието.
Тој подвлече дека 8 Септември, како ден на нашата независност подеднакво се однесува на сите независно од тоа каков јазик говориме или на кој бог му се молиме. Укажа дека мора уште повеќе да се јакне довербата и разбирањето помеѓу етничките заедници и да се јакне меѓуверската толеранција, но и јасно и недвосмислено да се осудат сите идеи кои промовираат нетолеранција.
Сите заедно, порача, еден до друг, од сите нации и вери, со несмалена жестина да се избориме за Европската унија, за членството во НАТО и за подобар живот. – Членството на Македонија во НАТО е нашиот најголем приоритет. Во овој историски период, тоа е целта над сите цели! Тоа е задачата над сите наши задачи! Со силна вера и посветеност, стоиме рамо до рамо со нашите западни сојузници. Непоколебливо даваме свој придонес во афирмацијата на вредностите во кои веруваме. Со силна вера и посветеност, продолжуваме стрпливо да го чекаме денот кога македонското знаме ќе се развиори пред седиштето на НАТО во Бриесл, наведе Вељаноски.
Свесни сме, додаде, за консталациите кои се причината за овој наш застој, заради што продолжуваме и со напорите за надминување и на последната пречка за наше целосно интегрирање во Алијансата. Продолжуваме со разговорите со Република Грција за надминување на наметнатиот проблем со нашето уставно име. Веруваме дека нашите грчки соседи ќе разберат дека Република Македонија и македонскиот народ, ниту биле, ниту некогаш ќе бидат закана за Република Грција. Настојуваме да ги афирмираме позитивните вредности во нашите меѓусебни односи. Да ја развиваме економската, културната, образовната и секаков друг вид на соработка. Во светло на новите геополитички предизвици, македонскиот и грчкиот народ имаат историска должност да покажат државотворна зрелост за да можеме заеднички да се соочиме со нив и да ги надминеме!, рече претседателот на македонскиот законодавен дом.
Членството во Европската унија, као што наведе, е следниот голем приоритет за нашата држава! – Нашиот нов 8 Септември, новиот македонски Илинден ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во Европската унија! На патот до полноправното членство, остваривме голем напредок. Продолжуваме со иста посветеност да работиме на остварување на големата цел на граѓаните на Република Македонија. Во изминатите години, како држава направивме огромни исчекори. Различните влади водени од различни политички партии, трпеливо и посветено го пишуваа македонското европско досие. И денес го правиме истото! Продолжуваме да ја реформираме Македонија согласно европските стандарди! Продолжуваме да ја градиме Македонија согласно насоките од нашите европски пријатели! Продолжуваме да го менуваме македонското општество и прилики согласно европските рецепти! Европската унија е најдобриот проект за Македонија! Интеграцијата во Европската унија е најдобриот рецепт за модернизација на македонското општество!, рече Вељаноски.
Вкупниот државен развој, нагласи, продолжува да биде нашиот најголем предизвик. – Досегашните успеси во осовременувањето на животот на македонскиот граѓанин, треба да бидат само дополнителен поттик за нови дела. Мораме да градиме уште повеќе нови училишта, да инвестираме уште повеќе во здравството, да продолжиме да го поддржуваме македонскиот земјоделец, да се грижиме за македонските пензионери. Мораме тоа да го направиме како политичари бидејќи тоа се најголемите очекувања од граѓаните, укажа Вељаноски.
На 8. септември по 23-ти пат, додаде, огреа македонското сонце на слободата. Изминатите две децении покажавме дека имаме сила да ја сочуваме и да ја надградиме оваа придобивка. Покажавме дека знаеме како да ја градиме Македонија. Покажавме дека знаеме како да го чуваме наследството и вредностите на основачите на македонската држава. Покажавме дека имаме сила натамошно да ги зацврстиме темелите на Македонија. Имаме обврска оваа наша земја да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна, потенцира Вељаноски.
Во славењето на празниците, посочи, да се сеќаваме на личностите кои се вградиле во македонската независност! – Да застанеме еден до друг! Да си подадеме рака меѓу себе, со нашите соседи и со нашите западни пријатели! Да тргнеме заеднички напред кон новите предизвици! Да ја градиме Македонија! Да ја развиваме Македонија! Господ нека ја благослови оваа држава и нејзините граѓани! Нека е вечен споменот за 8. септември! Нека е вечна Македонија! Да живее Република Македонија!, рече претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
Република Македонија утре одбележува 23 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Членовите на ВМРО – ДПМНЕ ја напуштија седницата за одземање на мандатот на Груевски
-
Вељановски: Нема да учествуваме во менување на Уставот, немате двотретинско мнозинство
-
Вељаноски и Димитриев ќе ги контролираат УБК и прислушувањето
-
Вељановски: Тој ден пречувствував дека одредени работи ќе се случат, особено по најавите на Заев


