| четврток, 6 декември 2018 |

Шилегов тврди дека 5.000 тима биле на терен- но никој не ги видел

silegov (Custom)Партискиот портпарол на СДСМ Петре Шилегов тврди дека петте илјади тимови на СДСМ кои ги најави лидерот Зоран Заев се на терен, но во пракса никаде ги нема и никој не ги видел.  Шилегов не открива повеќе детали за тоа како функционираат тимовите, но вели дека тие работат и дека фидбекот од нивната работа е во рамките на очекуваното. Според Шилегов, во јавноста тоа не се забележувало многу, бидејќи партијата не сакала внатрешните активности да ги прави пред очите на јавноста, односно пред телевизиските камери.

-Петте илјади тима кои СДСМ ги најави како дел од својата нова стратегија веќе се на терен, вели Шилегов.

Наспроти ваквите тврдења на Шилегов, на терен не може да се забележи ни трага ни глас од 5.000 тима кои ги најави Заев уште пред повеќе од две недели при претставувањето на Стратегијата, а за кои партискиот портпарол тврди дека се на терен.

Останува нејасно каде се 5000 тима на СДСМ кои требаше да одат од врата на врата и заедно со граѓаните да бараат решенија за проблемите. И покрај тврдењата дека тие се на терен и делуваат, очигледно тимовите од партијата на Зоран Заев се уште не се координирани и не се знае дали воопшто почнале со директни контакти со граѓаните.

Засега нема официјални детали како 5.000 тима, како што најави лидерот на СДСМ, ќе им влијаат на граѓаните и кој ќе ги сочинува тие тимови.  Заев на прес-конференција зборувајќи за првиот столб од новата форма на дејствување под наслов „Работиме заедно“ рече дека тоа ќе биде партнерски однос на слушање на проблемите и заедничко дефинирање реални решенија. Сепак,  во СДСМ се уште се молчи за деталите, особено за обемната бројка на мобилизација што ја најави Заев.

За дејствувањето преку тимовите што ги најави Заев засега во поголем дел од општинските организации немаат конкретни информации и насоки и се уште се чекаат инструкции.  Според информациите кои неодамна ги објави Дневник, бројката од 5.000 тима не е случајно избрана. Според пресметките на партијата, речиси толку работни места ќе има слободни ако се смени власта.

Бројката на тимовите, како што пишуваше Дневник, е ставена повеќе симболично, но и за мотивација и ветувања од врата на врата работни места за граѓаните на позиции што се слободни, а зависат од Владата и од Собранието. Ако ВМРО-ДПМНЕ загуби на наредните избори, според СДСМ, околу 4.000 работни места (управни одбори, министерства, фондови) ќе останат слободни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top