Мултимедијалната претстава „Плацебо“, на режисерката и корегорафка Ана Пампулова од Софија, Бугарија, на 12 септември ќе го отвори годинешното, седмо по ред издание на ИТФ „Лица без маски“, кое ќе се одржи од 12 до 17 септември, 2014 година во Универзална сала – Скопје.

Фестивалската програма годинава ќе понуди исклучителни квалитетни театарски преформанси предводени од европската и од македонската независна продукција.
На репертоарот се претставите „Јас сум вода“, на компанијата „Костелационе“, од Италија, чешката претстава „Соседи“ на режисерот Павел Штоурац, од театарот „Континуо“, која во изминатите години ја освои публиката на многубројни европски и светски фестивали, како и првото гостување на театар од Грцијана нашиот фестивал, од компанијата „Арт и медија зона“, кои доаѓаат со претставата „Исмини и Калипсо“ во режија на Ефи Мерваглоу.

На програмата е и претставата „Штом ќе се исполнат соништата, веќе не можеш да живееш во нив“, на театарот „Лудум, Лудум“ од Белград, под режисерската палка на Петар Ристовски, истакнат театарски и филмски режисер од Србија.
Ексклузивната програма на годинешното издание на фестивалот, во селекција на Игор Ивковиќ, театарски режисер, покрај гостувањето на европските независни театри, е зачинето со многубројни македонски претстави.

Како куриозитет, во натпреварувачката програма на фестивалот годинава го имаме експресивниот буто-танц на Васил Зафирчев, работен според книгата „Дневникот на Хулиганот“ на Сашо Димовски, каде што покрај изведбата на претставата, ќе биде одржана и промоција на книгата.
На програмата е и претставата „Три сестри“, на младата талентирана режисерка Теа Беговска, позната по експериментирањето на театарскиот простор.
Чест и задоволство е годинава на програмата и во официјалната конкуренција да бидат и претставите „Виктор и Викторија“ на режисерот Војо Цветановски, работена за магистерскиот труд на продуцентката Сибел Јакуповиќ, а секако импресивно е и гостувањето на независниот „Интимен театар“ од Битола, кои доаѓаат со претставата „Трансферату“ во режија на Софија Ристевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


